Општина Кисела Вода на сите граѓани им го честита 5 Мај, Денот на македонската азбука и македонскиот јазик.
На 5 мај 1945 година Народната влада на федерална Македонија ја усвои азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо. По ова истата година Министерството за просвета го озакони првиот правопис со што македонскиот јазик беше кодифициран.
Одбележувањето на овој голем ден за сите Македонци без разлика во која држава во светот живеат е повик за зачувување и афирмација на македонскиот јазик и неговото кирилично писмо.
Блаже Конески кој бил истакнат македонски книжевен и културен работник, академик – прв претседател на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), филолог и професор на Филозофскиот факултет во Скопје, а и еден од кодфикаторите на македонскиот јазик во една прилика нагласил дека ,,Јазикот е нашата најкомплетна татковина”.
Неодамна, Владата на Република Северна Македонија донесе одлука од оваа година 5 Мај да биде празник на македонската азбука и македонскиот јазик.
Нека ни е честит 5 Мај, Денот на македонската азбука и македонскиот јазик.