На свечен начин денес, во големата сала на Општина Кисела Вода, градоначалникот Билјана Беличанец – Алексиќ по шеснаесети пат додели решенија за легализација на бесправно изградени објекти на 40 граѓани од општината.
Во своето обраќање градоначалникот уште на самиот старт упати апел до сите жители на општината да не го злоупотребуваат процесот на легализација и да градат нелегално во овој вакуум простор, бидејќи ќе се соочат со Општинската градежна инспекција.
-“Сакам да Ве информирам дека Општинската градежна инспекција е перманентно на терен и секоја нелегална градба која ќе се детектира, а истата не е подведена под Законот за третман на бесправно изградени објекти, односно нема легална документација за градба, веднаш ќе биде срушена. Под ова се подразбира секоја доградба и надградба на постоечките нелегални објекти, но и секоја нова градба која е започната, а е со некомплетна документација и не се гради во согласност со нормативите на Законот за градење” – потенцираше Беличанец – Алексиќ.
Таа истакна дека при легализацијата на дивоизградени објекти главна улога имаат граѓаните и општината и уште еднаш ги повика сите граѓани да ја комплетираат својата документација.
-“Крајниот рок за доставување на елаборатот е 18 јуни 2014 година, што подразбира дека граѓаните имаат само уште неколку месеци да ја докомплетираат документацијата, односно да го достават геодетскиот елаборат” – рече Беличанец – Алексиќ.
Беличанец – Алексиќ потсети и на мерките на Владата за финансиско олеснување на процесот на легализација за социјално ранливите категории, на кои им овозможи да плаќаат половина од цената за геодетските елаборати, а укажа и на фактот дека бенефитот од успешно заокружување на процесот на легализација ќе биде заеднички. Граѓаните ќе станат сопственици на нивните имоти, а општината ќе може да донесе нови детални урбанистички планови, во кој ќе бидат впишани и новолегализираните објекти, што е и крајна цел на овој процес.
– “Општина Кисела Вода веќе започна со носење на неколку клучни урбанистички планови, кои се во согласност со новиот ГУП на Град Скопје, а се во насока на рамномерен просторен развој, рационално уредување и користење на просторот и создавање услови за хумано живеење и работа на граѓаните. Со новите детални урбанистички планови, на граѓаните и бизнис заедницата им даваме шанса за изградба на нови објекти и проширување и реконструкција на постоечките, но само во законски пропишаните процедури” – заврши Беличанец – Алексиќ.