Search
Close this search box.

„Културното лето Општина Кисела Вода 2019“ заврши со концерти на Мики Јовановски-Џафер, Искра Трпева, Ѓоко Танески и КУД „Китка“

На затворањето на „Културното лето Општина Кисела Вода 2019“, синоќа на „Три круши“ посетителите имаа можност да ги слушнат познатите авторски песни на Мики Јовановски-Џафер, Искра Трпева и Ѓоко Танески.

Покрај ова, концертната вечер ја збогатија играорците на КУД „Китка“, кои облечени во драчевска и мариовска носија пред публиката одлично се претставија со мариовското женско оро „Тресеница“ и со сплет на игри од повардарскиот регион. 

КУД „Китка“ од Драчево повеќе од 50 години ширум светот успешно ја промовира македонската музика и традиција.

Љубителите на добрата музика, на културното лето имаа можност да ги видат и слушнат најквалитетните македонски групи и пејачи. Од средината на август на повеќе локации во Кисела Вода концерти одржаа: Ефто Пупиновски, Дани Димитровска, Бени и Нон Стоп, Анастасија Петреска, групата Биоритам, Миле Кузмановски, Силви Бенд, Сузана Спасовска, Александар Митевски, Драган Спасов – Дац и Кристина Арнаудова.

„Културното лето Општина Кисела Вода 2019“ се одржа под покровителство на градоначалникот Филип Темелковски.

Споделете:

Scroll to Top