Search
Close this search box.

Отчет на градоначалникот Билјана Беличанец Алексиќ

Денеска, 21.01.2014 (вторник), градоначалникот на општина Кисела Вода, Билјана Беличанец – Алексиќ, одржа прес конференција на која даде осврт на сработеното во изминативе 9 месеци, откако дојде на чело на општината.  Истакна дека ова беше успешна година, полна  со предизвици, градежни активности и енергична работа, чија реализација немаше да ги даде очекуваните ефекти без големата поддршка и помош од жителите на општината. Потенцираше дека за краток период, имајќи ја и поддршката од централната власт и Градот Скопје, се реализирани преку 40 проекти од инфраструктурата, образованието, културата, социјалната заштита, комуналните дејности и сите области каде општината има надлежности. 

 

Реализирани се следните проекти:

 

  • Нов водовод во Пинтија. Во оваа населба се доизгради водоводна мрежа во должина од околу 9 км, се изгради препумпна станица, главен цевковод и резервоар со запремнина од 900-тини кубни метри, согласно проектот кој се реализираше со кредит од Светска Банка во висина од околу 40.000.000 ден. Завршната фаза на проектот се заокружува со индивидуално приклучување на домаќинствата кон главната мрежа, која ја изгради општината.
  • Ја подобривме водоводната мрежа во месноста “Порупи” – с. Драчево. Вредноста на проектот изнесува  4.431.067,00 денари.
  • Фекална канализација во должина од 738 метри добија улиците “Сердарот” и “Герника” во Драчево. Од својот буџет за овој проект општината вложи 7.800.000 денари .
  • Се реконструираше фекалната канализација на ул. “Жванска” во Црниче.
  • Во соработка со Министерството за транспорт и врски, заврши реализацијата на првата фаза од проектот за изградба на примарна атмосферска мрежа за дел од улицата “Жарко Зрењанин” и дел од улицата “Коперникова” во вкупна должина од околу 610 метри. Средствата во висина од околу 8.300.000 денари беа обезбедени од Европската Инвестициона Банка.
  • Во моментов се гради атмосферска канализација за улиците “Ѓорѓи Димитров” , “Локов” и  “Димо Хаџи Димов во нас. Кисела Вода.
  • Во најголемата акција за санација на ударни дупки и реконструкција на сервисни улици во општината, се реконструираа преку 70 сервисни и станбени улици во сите месни и урбани заедници, на вкупна површина површина од преку 16.434 квадратни метри. Вредност: Околу 15,5 милиони денари.
  • Инвестиравме и во изградба на тротоари, поплочување на улици и јавни паркиралишта со павер елементи и поплочување на скверови. Се поплочи вкупна површина од 6.883 квадратни метри за што општината од својот буџет издвои околу 13 милиони денари. 
  • Улицата “Томе Арсовски” целосно се реконструираше со павер елементи во должина од 130 метри, а се постави и нова линија за улично осветлување со модерни канделабри.
  • Ул. “474”во Бирарија целосно се асфалтираше на вкупна површина од околу 1240 квадратни метри, а  се поставија и нови тротоари во должина од околу 80 метри.
  • Целосно ја асфалтиравме улицата “Коперникова” на вкупна површина од 409 квадратни метри. Се поставија околу 68 тони асфалт.
  • По завршувањето на тендерската процедура целосно ќе се реконструира улицата “Иван Хаџиниколов 2” (поранешна “Ратко Митровиќ 2”). За реализација на проектот аплициравме и добивме средства од Агенцијата за финансиска поддршка во  земјоделството и руралниот развој.
  • Завршена е изградбата на две пешачки скалила во нас. Црниче.
  • Се исчистија отворените канали во општината.
  • За жителите на Усје, Расадник, Пржино и селото и населбата Драчево се изградија 5 нови детски игралишта опремени со сите спортски реквизити и дополнителна урбана опрема. Дел од нив се инвестиција на Општина Кисела Вода, а дел се донации од компанијата Цементарница Усје – Титан. 
  • Целосно е санирана и заменета урбаната опрема и реквизитите на сите веќе постоечки детски игралишта на територијата на општината.
  • Со Агенцијата за млади и спорт е потпишан  договор за изграба на две повеќенаменски игралишта, едното во село Драчево, другото во населбата Црниче, како дел од предвидените 100 што се градат ширум државата. За првото, веќе течат градежните активности, додека за второто е издадено одобрение за градба.

Во делот на образованието и предучилишното воспитување реализиравме неколку проекти.

  • Во соработка со Амбасадата на Сојузна Република Германија, го реконструиравме подрачното училиште “Круме Кепески”, во населбата Припор.
  • Започнавме тендерска постапка за преадаптација на веќе постоечки и доградба на нови простории од ова училиште со цел да се создадат услови за отворање и комплетно функционирање на јавна детска градинка. Ова ќе биде прва градинка во овој реон и ќе ги растерети  постоечките капацитети во централното подрачје на општината.
  • По 30 години, општина Кисела Вода инвестираше и  во градинката “8-ми Март” во Пржино, каде изврши целосна реконструкција на  покривот. Проектот е вреден  2. 548.277 денари.
  • Неодамна го потпишавме Договорот со УНДП за реконструкција на ПОУ “Кузман Јосифовски – Питу”. Активностите се однесуваат на замена на постоечката фасада, замена на кровот и замена прозорците, како дел од воведувањето на мерките за енергетска ефикасност, за што општината ќе одвои 4 милиони денари, а УНДП 2 милиони денари.
  • По завршувањето на реконструкцијата ќе се изврши адаптација на дел од училиштето  за негова пренамена во јавна детска градинка.
  • Учениците од ОУ “Рајко Жинзифов” во населбата Драчево новата учебна 2014/2015та година ќе ја започнат во целосно нова училишна зграда на два ката. Финансиските средства за реализација на овој проект се целосно донирани од НР Кина.
  • Се доизгради и свечено се пушти во употреба Паркот на бранителите во нас. Драчево. Вредност: 5.000.000 денари.
  • Со средства од општинскиот буџет, започнавме голема акција за промена на уличните светилки, со нови и поекономични. Со промената на околу 850 улични светилки, општината годишно ќе заштеди околу 1,5 милиони денари.
  • За прв пат започнавме со доделување на ваучери за еднократна парична помош на семејствата со новороденчиња од оваа општина.
  • Општина Кисела Вода во 2013 година започна со интензивно урбанистичко планирање. Во насока на создавање на рамномерен просторен развој, рационално уредување и користење на просторот и создавање услови за хумано живеење и работа на граѓаните, Општина Кисела Вода донесе вкупно 8, а ја започна постапката за носење на уште 9 нови клучни урбанистички планови.
  • По кадровското и техничко доекипирање на Одделението за легализација и зголемувањето на бројот на комисии кои излегуваат на терен, воведовме практика за делење решенија за легализација на дивоградби на неделна основа.

Споделете:

Scroll to Top