Интензивните градежни активности за подобрување на комуналната инфраструктура во Општина Кисела Вода продолжуваат со несмалена динамика. Имено, деновиве екипи на фирмата Жикол по налог на општината, започнаа градежни активности за изградба на атмосферска канализациона мрежа на ул. “Димо Хаџи Димов”, зад основното училиште “Круме Кепески” во населбата Кисела Вода. Градежните активности се изведуваат во должина од 138 метри, а се поставуваат полиетиленски цевки со различни дијаметри Ф200 мм, Ф 250 мм и Ф 315мм.
Истовремено, долж трасата ќе се постават и лиеножелезни канализациони шахти. По завршувањето на изведбата на канализацијата ќе се постават и тротоари од едната страна на улицата во должина од околу 150 метри. Градежните активности би требало да завршат до крајот на јануари.
Со полна пареа се работи и на изградбата на атмосферска канализација на улиците “Ѓорѓи Димитров” и “Локов” во населбата Кисела Вода. Имено, во моментов се врши санација на постоечките сливници, а со изградба на нови улични сливници преку проектираните колектори, предвидено е атмосферските води целосно да се одведат до постоечкиот колектот Ф 700 мм на ул. “Народни Херои”.
Атмосферската мрежа се гради во должина од околу 840 метри, а се поставуваат полипропиленски канализациони цевки со различни дијаметри (Ф 300 – Ф 500 мм). Долж трасата на колекторот предвидено е поставување на ревизиони шахти од полипропилен ПП тип 1000.
Овој проект е целосна инвестиција на Општина Кисела Вода, за што од својот буџет издвои околу 7 милиони денари.