Општина Кисела Вода и оваа година продолжува со успешната пракса на наградување на младите спортски таленти со бесплатно летување како дел од стратегијата за поддршка на спортот и здравиот начин на живот. Победниците во Лигата на училишен спорт, која опфаќа натпревари во кошарка, фудбал, одбојка и ракомет во машка и женска конкуренција, ќе имаат можност да летуваат во Извидничкиот Центар во Охрид.
Оваа мерка, која беше воведена минатата година, има за цел да ги мотивира младите активно да се вклучат во спортските активности, да го развиваат тимскиот дух и да градат здрави навики преку спортот. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски истакна дека оваа иницијатива е дел од пошироката стратегија на Општина Кисела Вода за поттикнување на спортот меѓу младите:
-Спортот ги подобрува физичкото и менталното здравје на децата, но создава и другарства, дисциплина и тимски дух. Со обезбедување бесплатно летување за најдобрите во Лигата на училишен спорт, не само што ги наградуваме нивниот труд и посветеност, туку и дополнително ја поттикнуваме спортската култура во училиштата. Ова е дел од нашата стратегија за поддршка на младите и како општина ќе продолжиме со мерки што ќе овозможат уште поголема афирмација на спортот и негов развој во нашите училишта-изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.