Велигденски базар со хуманитарен карактер, се одржа денес во дворот на црквата Св. Петка во Кисела Вода во организација на Здружението на слепи и лица со оштетен вид Скопје и Општина Кисела Вода.
Посетителите купуваа декорирани велигденски погачи, пити, колачи, велигденски јајца и други рецепти, кои го симболизираат најголемиот христијански празник Велигден, а се подготвени од жените членки на ова Здружение.
Трите најдобри изработки, добиваат парична награда обезбедена од Општина Кисела Вода која потоа ќе им биде доделени на социјално загрозени лица, членови на ова Здружение.
– Здружението за слепи лица и лица со оштетен вид – Скопје веќе четири години организира Велигденска трпеза во различни цркви, низ повеќе Општини во градот. На овој начин, нашите жени – членки ги промовираат своите афинитети и можности, односно, покажуваме на кој начин тие ја подготвуваат својата Велигденска трпеза. Благодарни сме на Општина Кисела Вода која ни излезе во пресрет и ги обезбеди финансиските средства за наградените, на тој начин давајќи свој удел во подигнувањето на свеста за можностите на лицата со оштетен вид. Воедно, сакам да потенцирам дека сите собрани средства од продажбата, вклучително и наградите од локалната самоуправа ќе им бидат доделени на социјално загрозените члнови на Здружението на слепи и лица со оштетен вид Скопје. Воедно, благодарност сакаме да изразиме и до црквата Св. Петка- изјави Алтана Коцева од Здружението за слепи лица и лица со оштетен вид – Скопје.
– Денешниот настан, кој се одвива на еден убав празничен ден, со кои започнуваат велигденските празници, е уште еден од низата планирани и преземени активности на Општина Кисела Вода за подобрување на квалитетот на животот на слепите лица и лицата со оштетен вид. Ги обезбедивме финансиските средства за прво, второ и третонаградената учесничка на овој базар и сметаме дека е одлична идејата средствата, токму сега, за Велигденските празници да завршат кај социјално загрозените лица со оштетен вид, бидејќи хуманоста е една од најголемите христијански вредности- изјави Александар Алексовски, секретар на Општина Кисела Вода, додавајќи дека лицата со оштетен вид секогаш можат да сметаат на поддршката од Општина Кисела Вода.