Од вчера,17.03.2015, градоначалникот Билјана Беличанец-Алексиќ, заедно со Претседателот на Советот Трајче Донев и тим од стручните служби од општината, ја започна редовната посета на месните и урбани заедници во општина Кисела Вода.
Први во агендата за посета беа месните заедници Потстаница и селото Драчево, каде граѓаните ги презентираа своите барања, проблеми и потреби, поврзани со подобрување на условите за живеење во овој дел од градот.
Заеднички се дискутираше околу можностите за изнаоѓање решение, а тимот од општината предводен од градоначалникот Беличанец-Алексиќ, ги запозна овие граѓани и со тековните проекти на општината и проектите кои се во план да се реализираат во следниот период- пред се, инвестициите во подобрувањето на водоводната мрежа, најавата за реновирање на домот на култура кој треба да ја збогати културната понуда во овој дел на градот, како и ред други инфраструктурни активности за подобрување на патната инфраструктура-асфалтирање, бетонирање на улиците и интервенции онаму каде што има потреба.
Посетите продолжуваат денес (18.03.2015), кога се закажани средби со жителите на населбата Драчево во 18:00 часот и жителите на урбаната заедница Пинтија во 19:30 часот.