Под мотото „Низ страниците на стариот дневник“, ОУ„Св. Климент Охридски“ од селото Драчево, ги прослави двата големи јубилеја- 90 години од постоење и 70 години од воведувањето на настава на македонски јазик.
Директорот Татјана Каранфиловска, во своето емотивно излагање пред бројните гости, навраќајќи се на моментите кога на ова исто место се славеле јубилеите и годишнините, се потсети на времињата кога и таа самата била ученик во ова училиште.
-И денес, како и тогаш, ја чувствувам возбудата околу подготовките, посветеноста на овие драги луѓе кои се тука со нас денес во првите редови, поранешни наши наставници, кои денес заслужено уживаат во своите пензионерски денови, и на уште многу други кои од оправдани причини не се со нас-истакна Каранфиловска, посочувајќи дека да се биде претходно ученик, а сега директор на ова училиште, за неа е огромно задоволство, но и голема одговорност.
-И јас, како директор, и целиот наставен кадар кој работи во училиштето, чувствуваме голема обврска да се потрудиме, да оставиме белег со нашето работење, бидејќи ја работиме најблагородната професија-ги поставуваме темелите врз кои се гради една здрава личност, покажувајќи и го и водејќи ја по патот на созревањето-изјави таа.
Дека во тоа успеваат се доказ бројните награди кои стојат во биографијата на ова училиште. Имено, “Св. Климент Охридски” од село Драчево, е троен добитник на 13 Ноемвриската награда. Годинава беше прогласено за најбезбедно и најчисто училиште на ниво на Република Македонија и истото се стекна со највисокотo еколошко признание ЗЕЛЕНО ЗНАМЕ, со што се вброи во 29-те ЕКО основни училишта во државата и беше запишано на светската мапа на еко-училишта.
На свечената приредба на која присуствуваше Претседателот на Советот на општина Кисела Вода Трајче Донев и пратеникот Светлана Јакимовска, директорката, се заблагодари на општина Кисела Вода, на Советот на општината и на градоначалникот Билјана Беличанец Алексиќ за поддршката и континуираните залагања за обезбедување на подобри услови за настава за учениците. Имено, општина Кисела Вода, со цел да се овозможи непречено одвивање на наставата и развојот на училишниот спорт, со сопствена инвестиција, постави нов кров на училишната спортска сала, кој беше во исклучително незавидна состојба, а потоа и Агенцијата за млади и спорт, во дворот на училиштето отвори повеќенаменско игралиште.
Беа доделени плакети и благодарници на поранешните директори, ученици и заслужни институции, беше емитуван документарен филм за училиштето, свое учество зедоа и учениците со ритмичка точка, хорот и оркестарот и КУД „Китка“, а свеченоста беше заокружена со заедничка песна на вработените и учениците.
Во ОУ„Св. Климент Охридски“ од селото Драчево , во оваа учебна година, настава посетуваат 498 ученици од I до IX одделение, распоредени во 22 паралелки.