Под мотото “Засади со љубов, за Кисела Вода”, денес во општина Кисела Вода се одржа масовна акција за пошумување.
На акцијата и претходеше повик, преку видео спот, организиран од градоначалникот Ѓорѓиевски и локалната самоуправа, кој беше поддржан од многу јавни личности, спортисти, лица од естрадата, кои и денес зедоа учество во пошумувањето.
Илјадници граѓани, претставници на дипломатскиот кор, спортски здруженија, еколошки здруженија оштествено одговорни компании, советниците од Советот на Општината, административните службеници, засадија околу 5000 садници на шест локации: новиот парк “Иднина” кај кружниот тек, на трим патеката, на Теферич, кај новата градинка во Усје, во паркот на Есенинова и во парк Македонија. Покрај ова, се садеше и во сите основни училишта и градинки од општината.
-Денес започнуваме со акција за која планираме да ја направиме редовна и традиционално да се одржува секоја година во исто време. Под слоганот Вода “Засади со љубов, за Кисела Вода”, денес садиме 5000 дрвца на повеќе локации низ општина Кисела Вода, пред се’ за нови или постојни паркови или места кои се доста фреквентни, а на кои сме направиле анализа дека има потреба од дополнително зеленило. Освен што на овој начин ќе го зазелениме и облагородиме просторот, сакаме да ја подигнеме и јавната свест дека секое дрво значи помош за обнова на екосистемот, за намалување на загадувањето, за спречување на поплави и ерозии.
Овие пораки ги упативме и преку видео спот заедно со многу естрадни личности, спортисти, лица кои значат нешто во јавниот живот, преку кој ги повикавме граѓаните масовно да ни се приклучат и заедно да направиме нешто убаво за себе, за своите најблиски и за Кисела Вода. Очигледно пораката одекна силно, така што денес, на сите шест локации има огромен одзив. Тука, во Паркот “Иднина” со мене е амбасадорот на Република Полска, тука се голем број на лица од јавниот живот, огромен број на граѓани, на терен е и целата администрација, советот и советниците, спортски клубови, дрвца се садат и во сите училишта и градинки на територија на општина Кисела Вода. Сакам да им се заблагодарам и ним, како и на сите донатори и пријатели на општината кои преку својата општествена одговорност, ја поддржаа акцијата и покажаа дека ја сакаат Кисела Вода-изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.