Градоначалникот на општина Кисела Вода Билјана Беличанец-Алексиќ, денес, заедно со генералниот извршен директор на АД Цементарница-Усје, Борис Хрисафов, изврши обиколка на ООУ “Кирил Пејчиновиќ” коe неодамна беше реновиранo.
Имено, согласно потпишаниот Договор за донација меѓу општината и оваа компанија, како дел од програмата на Секторот за локален економски развој на општина Кисела Вода, во овој објект, беше извршена замена на старите и дотраени прозорци со нови, а потоа им се направи и опшивка со окапници. Дополнително, беа исчистени и сите 230 радијатори, на кои им беа заменети и вентилите, а потоа беше извршено и варосување.
Целокупната инвестиција е во вредност околу 22 000 евра, комплетна донација од АД Цементарница-Усје, како дел од нивната програма за општествена одговорност. Во знак на благодарност за активното вклучување во развојот и унапредувањето на образовниот процес во општина Кисела Вода, градоначалникот Беличанец-Алексиќ му додели благодарница на генералниот директор на АД Цементарница-Усје Борис Хрисафов.
-Добрите практики на одговорно делување кои АД “Цементарница-Усје” ги покажува преку конкретни проекти, каков што е овој,во ООУ “Кирил Пејчиновиќ”, се значајна поддршка на општината во спроведувањето на мерките за подобрување на условите за живот и работa на сите наши жители. Преку обновата на објектот, се постигна не само подобрување на ликот на училиштето, туку и поголема примена на мерките за енергетската ефикасност, што е една од стратешките насоки на движење на оваа локална самоуправа. Значајно е компаниите да ја препознаат својата улога и можност за влијание во развојот на општеството. Токму затоа и благодариме на АД “Цементарница-Усје” и се надеваме дека дека таа ќе продолжи со континуираната политика на одговорно корпоративно општествено работење-истакна градоначалникот Беличанец-Алексиќ, доделувајќи ја благодарницата.
Генералниот директор на АД Цементарица-Усје потенцираше дека добрата соработка што ја има со општина Кисела Вода преку реализација на различни проекти ќе продолжи и во наредниот период.
„Еден од приоритетите на Цементарница-УСЈЕ е учеството и реализацијата на активности од општ интерес. „Партнерство со училиштата“ е проект чија цел е зголемување на здравјето и безбедноста на децата во градинките и училиштата во општината Кисела Вода, на кој ние како компанија сме посветени веќе шест години. Една од последните активности во рамките на проектот е и замената на 40 дотраени прозорци со нови енергетски ефикасни во ОУ „Кирил Пејчиновиќ“. Со оваа донација од околу 1 милион денари и волонтерскиот труд на вработените од Цементарница УСЈЕ, значително се подобрени условите во училиштето, а енергетската ефикасност е подигната на високо ниво. Продолжуваме да работиме на реализација на вакви проекти во партнерство со општината, а во насока на подобрување на условите за престој на децата од предучилишна и училишна возраст во нашето соседство.“, истакна Борис Хрисафов, главен извршен директор на “Цементарница Усје” АД Скопје.
Директорот на училиштето Сашо Јованоски, за време на разгледувањето на објектот, информираше и за останатите активности кои во изминатиов период се случуваат во училиштето. Меѓу нив и за новата училишна веб страница која ја изработија учениците заедно со своите наставници.
Посетата беше заокружена со покана до градоначалникот Беличанец-Алексиќ и до генералниот директор на АД Цементарица-Усје Хрисафов за присуство на свеченоста по повод 70 годишнината од постоењето на ООУ “Кирил Пејчиновиќ”, која е закажана за 19 март.