Search
Close this search box.

Заеднички увид во изградбата на фекалниот колекторски ситем

Увид во градежните активности на проектот “Изградба на фекална канализација во населено место Сопиште и локалитетот “Сончев град“ и одведување кон постоечките канализациони мрежи во Општина Кисела Вода и Општина Аеродрoм“, денес извршија Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, градоначалникот на град Скопје Коце Трајановски, градоначалникот на општина Кисела Вода Билјана Беличанец-Алексиќ и градоначалникот на општина Сопиште Стефче Трпковски.

 

– Некаде пред 15тина дена започнаа градежните работи за изградба на овој колекторски систем кој ќе се протега од реката Вардар до населбата Сончев град и ќе ги поврзе општините Сопиште, Кисела Вода, и Аеродром и ќе реши еден децениски проблем, а тоа е Усјанскиот канал-изјави министерот Јанакиески.

-Се работи за мрежа од 15 км, инвестиција во вредност од 5 милиони евра, од кои, дел ќе се обезбедат од буџетот на Министерството за траспорт и врски, дел преку Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој. Согласно потпишаниот договор, градежните работи треба да завршат за 18 месеци, што значи дека некаде кон крајот на 2015 г, овој колекторски систем треба да биде завршен  и ќе биде користен од  околу 130 000 граѓани –истакна министерот за транспорт и врски. Потенцираше дека се работи за една крупна инвестиција, која е дел од програмата на градоначалниците и дел од програмата на владата на РМ и ги најави и следните чекори во овој проект.

-Потоа градоначалникот,  во соработка со  Министерството за животна средина, ќе направи колекторски систем се до препумпната станица, со тоа ќе направиме еден интегрален систем, со што, сите овие 4 општини ќе имаат еден нов модерен колекторски систем за фекални отпадни води –најави Јанакиески.

Градоначалникот на град Скопје Коце Трајановски упатувајќи благодарност до Владата на РМ и Министерството за транспорт и врски за помошта во реализацијата на овој проект,  ја назначи важноста на истиот.

-Овој колекторски систем е од животно значење за екологијата на градот Скопје, со оглед на тоа што досега немаше таков систем во овој дел на градот, пред се’, мислам на Кисела Вода и Сопиште. Овој проект не е целосно завршен, имено, направена е техничка документација за овој дел, кај што завршува, од Сончев град, па се до  пред булеварот Асном.  Но, веќе од градот Скопје , преку ЈП Водовод и Канализација е направен проект за продолжувањето на овој фекален колектор, по булеварот Асном, од булеварот Србија се до препумпната станица и со тоа ќе знаеме дека овој проект е целосно завршен. Преку Министерството за животна средина т.е. Владата на Република Македонија, веќе е објавен тендерот и е во фаза на евалуација . Се надеваме дека најдоцна за еден месец ќе биде избран проектант на техничката документација на колекторски систем од 90 км во градот Скопје, кој ги вклучува колекторот по булеварот Асном и другиот, од другата страна на Вардар, од Ќерамидница, па се до пречистителната станица во Трубарево. Но сепак, приоритетен ќе биде колекторот по булеварот Асном.

 Овој проект  е плод на една добра соработка меѓу министерството,општините и градот Скопје и вистински доказ на мотото “заедно можеме повеќе”. Се надеваме дека  ќе биде завршен согласно предвидениот рок, па граѓаните ќе можат да го видат вистинскиот благодет од него-истакна Градоначалникот на град Скопје Коце Трајановски

-Пред се би сакала да изразам голема благодарност до Владата на РМ, до Министерството за транспорт и врски, до министерот Миле Јанакиески, до градот Скопје, до ЈП Вододовод и канализација, кое беше вклучено во изготвувањето на проектот-изјави градоначалникот на општина Кисела Вода Билјана Беличанец-Алексиќ.

Она што е од суштинско значење за општина Кисела Вода е што овој проект се одвива по две траси, првата од Сопиште, преку Христо Татарчев до булевар Србија и втората-Усјанскиот Канал, она горливо прашање за општина Кисела Вода, веќе децении наназад. Во иднина, општина Кисела Вода со постоењето на оваа примарна мрежа, ќе може да изготвува проекти за секундарни мрежи во опфат на повеќе населби, пред се, село Усје, Градинар, Пинтија, Стаклара,Припор. Се работи за над 13 000 жители кои се уште користат септички јами, што е неприфатливо во 21-виот век. Значи со овој проект можема да потенцираме дека септичките јами ќе станат минато. Согласно законите за легализација, со легализирањето на дивите градби, како општини сме должни на нивните објекти да им обезбедиме и соодветна инфраструктура, а секако дел од неа е и канализациониот  систем-потенцираше градончалникот Беличанец-Алексиќ.

И градоначалникот на општина Сопиште, Стефче Трпковски, назначи дека овој проект е резултат на една добра соработка меѓу институциите.

 Освен што проектов овозможува решавање, собирање на отпадните води од населбата Сончев град, ќе се реши и собирањето на отпадни води од населеното место Сопиште, поточно улиците 22 , 24 и овозможува развој на една нова локација, локацијата Трапија, каде што може во иднина да се предвиди нова населба,  слична на Сончев Град.

Споделете:

Scroll to Top