Search
Close this search box.

“На секое дете му е потребно семејство”-трибина за згрижувачки семејства во општина Кисела Вода

Во Големата сала на општина Кисела Вода се одржа јавна трибина на која се презентираше проектот за згрижувачки семејства, под покровителство на Министерството за труд и социјална политика. Презентацијата ја водеа советникот во Советот на општината и претседател на Комисијата за социјална заштита, здравствена заштита и заштита на деца Кристина Колевска и раководителот на Одделението за деца без родителска грижа и заштита на возрасни при ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа на град Скопје Снежана Касутовска, а беа присутни и други претставници од Меѓуопштинскиoт центар за социјални грижи – Скопје.

Што значи сместување во згрижувачко семејство, кој има право на сместување во згрижувачко семејство, кој може да биде згрижувач и кои се неговите права и обврски, беа темите кои беа опфатени и на кои одговор можеа да добијат присутните граѓани.

Согласно законот, семејство кое сака да му помогне на дете кое се наоѓа во тешки услови за живеење, треба да исполни одредени законски критериуми во однос на׃ возраста, образованието, здравствената состојба, материјалните и станбените услови и моралната подобност. Околу подобноста за згрижување, проценува и одлучува стручен тим од Центарот за социјална работа од општина Кисела Вода.

Згрижувачот добива обука, стручна помош и подршка од страна на стручниот тим на Центарот  за социјална работа, како и соодветен паричен надоместок.

Повеќе информации околу постапката и условите  за пријавување на заинтересираните граѓани, може да се добијат во Центарот за социјална работа при општина Кисела Вода, во Меѓуопштинскиот центар за социјални грижи на град Скопје и од веб страната на Министерство за труд и социјална политика – www.mtsp.gov.mk, на мејл адреса –zgrizuvanje@mtsp.gov.mk, на бесплатниот телефон 15 505, а секако, и во општина Кисела Вода, на телефон 2785-462.

Споделете:

Scroll to Top