Со големо задоволство денес сакам да објавам дека во насока на зголемување на безбедноста на нашите граѓани, а со цел да се заштитиме од непредвидливите и разорни последици на пожарите, Кисела Вода успеа да обезбеди противпожарно возило.
Секое лето, а посебно изминатово, сите видовме колку лесно и брзо може да се запали и прошири пожар, загрозувајќи го животот, домот и природата и за жал увидовме дека е неопходно подобрување на капацитетите на нашата Противпожарна Бригада.
Голема е мојата благодарност до компанијата ,,Шпаркасе Лизинг”, до директорот Марјан Манчев, кои ги препознаа нашите намери и како општествено одговорна компанија, покажаа исклучителна грижа за безбедноста на нашата заедница, донирајќи ни го ова противпожарно возило.
Ваквите партнерства меѓу приватниот сектор, општините и јавните служби се и повеќе од потребни кога за цел имаме подобрување на условите за живот на сите граѓани.
Она што е наш следен чекор, како локална самоуправа е да ѝ го понудиме ова возило на Противпожарната Бригада, со цел таа да може побрзо и ефикасно да реагира и да ги заштити граѓаните, а пред сѐ жителите на општина Кисела Вода.
Сметам дека снабдувањето со ново возило претставува значајна помош, особено во моменти кога навистина е неопходно брзо и ефикасно да се реагира.
Уште еднаш, огромна благодарност до ,,Шпаркасе Лизинг” и се надевам дека ова ќе биде само почеток на една успешна соработка од која ќе произлезат и многу други проекти во интерес на нашите жители.