Search
Close this search box.

ООУ „Рајко Жинзифов“ од Кисела Вода се справува со сајбер насилството

Учениците и наставниците од ООУ „Рајко Жинзифов“ од населбата Драчево, на тема: „Сајбер насилство“, одржаа Отворен ден по граѓанско образование.

На онлајн настанот, под мотото „И сајбер насилството е насилство“ се дискутираше за заканите за младите генерации, кои голем дел од слободното време го поминуваат на социјалните мрежи и кои ги користат платформите за размена на пораки.

Осум ученици ги кажаа своите искуства, споделија што значи да се биде жртва на сајбер насилство и какви се последиците од истото. Кратко предавање одржа гостинот предавач, м-р Вилдан Дрпљанин, правник од Хелсиншкиот комитет за човекови права, кој објасни што претставува сајбер насилството, и укажа што е потребно да се преземе за заштита од потенцијално сајбер насилство, како и што може да се преземе во случај на семејно насилство. Дел од настанот беа  повеќе ученици, наставници, родители и претставници од Општина Кисела Вода, од Секторот за образование, предучилишно воспитување, култура и спорт.

Во рамки на Отворениот ден, учениците изработија и кратка информативна брошура, која е наменета пред сè за учениците од основното образование. Брошурата е достапна на веб страната на училиштето, на следниот линк: https://sites.google.com/site/rajkozinzifov/novosti/otvorendenpograganskoobrazovanie-1 .

Настанот беше модериран од страна на правобранителот на учениците од училиштето, ученикот Никола Дескоски, кој нагласи дека е подготвен да им помогне на соучениците во борбата со сајбер насилството, како и во заштитата на нивните права.

Во подготовката и реализацијата на настанот учествуваа учениците од деветто одделение, под раководство на наставничката по граѓанско образование Валентина Јанкоска, а со голема поддршка од страна на педагогот Весна Рафеска и директорот на училиштето Љубица Наумовска.

 

 

 

Споделете:

Scroll to Top