Градоначалникот на општина Кисела Вода и Постојаниот претставник на УНДП во Македонија, денес потпишаа нов Договор за соработка за заедничко инвестирање во креирање на мерки за енергетска ефикасност на локално ниво.
Истиот, по распишувањето на тендерот и изборот на најповолен понудувач, ќе овозможи рекoнструкција на спортската сала на ООУ “ Невена Георгиева Дуња “. Кровот на оваа сала ќе биде заменет со нов, а енергетски ќе бидат обновени и надворешните ѕидови и фасадната столарија. Ова пак значи дека учениците од ООУ Невена Георгиева Дуња освен што наставата ќе ја следат во сосема ново училиште, чија изградба е во полн ек, часовите по физичко воспитување ќе ги одржуваат во современи услови.
Oвa е веќе четврт заеднички проект на општина Кисела Вода и УНДП. Во изминатиот период како резултат на заедничката соработка во ПОУ “Кузман Јосифовски Питу” беше заменет системот за греење со енергетски ефикасен, а беше променет и кровот, фасадата и надворешната столарија. Во градинките Пеперутка 1 и Пеперутка 2 во населбата Драчево беше заменет котелот за греење со котел кој загрева со биомаса, a во ООУ “Круме Кепески” целосно беше променета кровната конструкција на објектот. Исто така, во соработка со УНДП преку мерката општинско-корисна работа, општина Кисела Вода обучи и ангажираше дефектолози, логопеди и негуватели во основните училишта и јавните детски градинки.