Општина Кисела Вода продолжува со поддршката на спортските клубови кои се активни на нејзината територија.
За таа цел, Општина Кисела Вода на неколку спортски клубови им отстапи термини во двете спортски сали, „Независна Македонија“ и „Архиепископ Доситеј“ во кои тие редовно ги одржуваат своите тренинзи, а покрај ова во нив ги играат и своите натпревари во првенствата. Спортската сала „Независна Македонија“ ја користат спортските клубови: Одбојкарскиот клуб „Јанта Волеј“, како и кошаркарските клубови ЖКК „Бадел 1862“, КК „Ангели“, додека пак салата „Архиепископ Доситеј“ ја користат РК „Вардар“, РК “Спартак“ и РК „Металург јуниор“.
Воедно, во моментов, РК „Спартак“ од Кисела Вода во својот состав го има и еден од најталентираните млади ракометари, Бојан Манев кој оваа полусезона е втор стрелец во првата машка лига со 116 постигнати гола.
– Благодарен сум на општината која што во контиунитет го помага мојот клуб на тој начин помагајќи ни и нам, на спортистите. Се надевам дека мојата игра ќе биде забележана од некој од пореномираните македонски ракометни клубови и дека ќе имам можност да заиграм во нив, а подоцна и надвор од земјава. Сеуште сум млад, имам само 19 години и мислам дека во екипата на „Спартак“ имам можност сеуште да учам и стекнувам искуство кое е неопходно за предизвиците кои ги очекувам во иднина, изјави младиот ракометен талент Бојан Манев.
Имено, Општина Кисела Вода од секогаш била расадник на спортски таленти, како што се познатиот фудбалски, Дарко Панчев и кошаркарскиот, Петар Наумовски.