Search
Close this search box.

Поставен камен темелник на новата училишна зграда на ООУ “Невена Георгиева Дуња”

Во општина Кисела Вода денеска почна изградба на ново училиште лоцирано до објектот на постојното ОУ „Невена Георгиева Дуња“. Новата училишна зграда ќе биде со површина од 1.220 метри квадратни, а инвестицијата вредна 75 милиони денари е на Министерството за образование и наука.

 

На поставувањето камен темелник присуствуваа премиерот Никола Груевски, министерот и заменик-министерот за образование и наука, Абдулаќим Адеми и Спиро Ристовски, градоначалникот на општина Кисела Вода Билјана Беличанец-Алексиќ, претседателот на Советот на општината Трајче Донев, советници, пратеници, директорот на училиштето, ученици, жители на овој дел на градот.

Премиерот Груевски истакна дека денешниот ден – почетокот на учебната година е одлична симболика да се означи стартот на нов проект во Кисела Вода и изградба на уште едно ново училиште во РМ. Наставата во ОУ „Невена Георгиева Дуња“, укажа Груевски, повеќе од 50 години се изведува во стари монтажни објекти.

– Новото училиште ќе значи комплетно нови услови како за учениците, така и за наставниот кадар. Просторот ќе биде поголем, ќе има подобра изолација бидејќи ќе биде објект од тврда градба со целосно нова опрема, нови училници, нови кабинети, машинско одделение, работилница, магацин и се што значи комплетно ново училиште, рече Груевски.

Новото училиште, како што најави, треба да биде готово за 16 месеци, односно до крајот на 2016 година. Со оваа инвестиција ќе се добие ново и современо училиште на два ката со вкупен капацитет од 600 деца во две смени.

Градоначалникот на општина Кисела Вода Билјана Беличанец-Алексиќ во своето обраќање назначи дека реализацијата на ваквите проекти се доказ дека континуираните вложувања во образованието и подигнувањето на квалитетот на наставниот процес, остануваат да бидат заедничка стратешка насока и врвен приоритет-на општина Кисела Вода и на Владата на РМ.

– Нова училишна зграда за ОУ “Невена Георгиева Дуња”- е ветување што е дадено, на  жителите на општина Кисела Вода, пред се’ на учениците и вработените во него. Денес, на местото од дотраениот објект изграден во 1964 како постземјотресна донација од Франција, започнува изградба на нов објект, со површина од 2200 квадратни метри, вреден околу 75 милиони денари, инвестиција на Министерството за образование и наука, преку Владата на РМ- истакна градоначалникот на општина Кисела Вода Беличанец-Алексиќ.

Информираше дека додека траат градежните активности, нема да има застој во наставниот процес или дисперзирање на учениците од ова училиште бидејќи наставата редовно ќе се одвива во останатите два дела од стариот објект кои беа позачувани, а делот каде ќе течат градежните активности веќе е соодветно заштитен и обезбеден.

 Министерот Адеми потенцира дека над 500 ученици од прво до деветто одделение ќе добијат нов современ објект. Паралелно со изградбата наставата ќе се одвива непречено во останатите два објекта на истата локација. Во тек на летниот период, како што информира Адеми, над 40 училишни објекти низ цела Македонија беа обновени.

Посакувајќи им на сите ученици среќен и успешен почеток на новата учебна година, а на првачињата успешен образовен процес во текот на животот, градоначалникот на општина Кисела Вода информираше и за инвестициите на општина Кисела во насока на обезедување на подобри услови и во сите останати училишни објекти на оваа територија.

Споделете:

Scroll to Top