Search
Close this search box.

Урбаната заедница Кисела Вода ја подигна наградата за најуспешна во собирање е-отпад

Урбаната заедница Кисела Вода денес ја прими наградата од компанијата „Нула Отпад”, како најуспешна во големата еколошка акција за собирање на електронски и електричен отпад од сите месни и урбани заедници во општина Кисела Вода.

 Во организација на оваа локална самоуправа и друштвото за управување со отпад „Нула Отпад”, беа собрани вкупно 4240 кг електронски отпад. Од нив, 780 кг беа од жителите на УЗ Кисела Вода. Е-отпадот, потоа беше превземен, соодветно селектиран и на крај рециклиран од страна на компанија со лиценца за постапување и третман со електронска и електрична опрема.

Граѓаните за старите и неупотребливи мали и големи електрични апарати, компјутери и компјутерска опрема, телевизори, видео рекордери, музички системи, електрични алатки, кои ги имале во своите домови, добија вредносни ваучери од “Техномаркет” со кои остваруваат попуст при купување на нови електрични апарати. Урбаната заедница Кисела Вода пак, доби преносен компјутер за потребите на граѓаните од овој дел на општината, кој денес и беше доставен од страна на директорот на компанијата „Нула Отпад”.

Големата еколошка акција која во Скопје, започна од општина Кисела Вода, се реализираше преку Секторот за локален економски развој согласно потпишаниот Договор за соработка со компанијата „Нула Отпад”, која ги поседува законските лиценци за управување со електронскиот и електричен отпад. Истата, освен што значи исполнување на законска обврска дефинирана со Законот за управување со електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема, има за цел да придонесе и за подигнување на свесноста за заштита на животната средина.

Општина Кисела Вода ги известува сите свои жители дека акцијата продолжува. Доколку се уште поседуваат електронски отпад, можат да се јават во општина Кисела Вода или директно до компанијата “Нула отпад”.

 

 

Споделете:

Scroll to Top