Search
Close this search box.

Учениците од ОУ “Невена Георгиева-Дуња” на промоција на „Запознавање со минатото, археологија за деца“

Ученици од ОУ “Невена Георгиева Дуња”, општина Кисела Вода, денес, во фоајето на новоотворениот Археолошки музеј на  Македонија присуствуваа на промоцијата на книгата „Запознавање со минатото, археологија за деца“, од авторот Анета Фиданоска. Промовирајќи ја книгата, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска ја истакна важноста на познавањето на сопственото минато.

– Велат дека за успешно градење на иднината основен предуслов е да се познава минатото. Децата се нашата иднина и затоа од најрана возраст мораме кај нив да ја развиеме свеста за потребата од познавање, почитување и негување на културното наследство. Денес во светот се повеќе се обрнува внимание на збогатувањето на едукацијата за минатото на човекот, древните култури, нивните обичаи, навики, верувања, истакна Канческа-Милевска.

Според неа, четивото на Фиданоска ги расветлува мистичните длабочини на македонската историја во кои се пронајдени бројни артефакти, материјални траги и докази кои зборуваат за цивилизациите што опстојувале на нашето тло.

– Овој музејски водич ќе биде многу интересен за децата, преку него наставниот кадар ќе може да го збогати едукативниот процес. Уверена сум и дека на интересен начин ќе влијае врз развојот на креативноста и размислувањето на децата за нашето минато, за историјата што ќе биде поттик да ги посетуваат музејските институции во Македонија, нагласи министерката.

Изданието содржи 12 теми, а преку впечатливите илустрации на Боркица Арсевска и раскажувачката способност на Фиданоска се претставени Големата мајка од Тумба – Маџари, наколната населба Заливот на коските кај Градиште, златната маска и златните предмети од Горна Порта, мозаиците од Хераклеа, крстилницата од Стоби, турската бања Даут пашин амам,… 

За авторката Фиданоска, историчарка на уметност и кустос во Музејот, изготвувањето на книгата претставувало, како што напомена, голем предизвик, но и огромна одговорност, бидејќи е обид на најмладите да им се доближи и претстави една комплексна научна област.

 Присутните ученици  од ОУ Невена Георгиева-Дуња добија на подарок по едно издание од ова првенче на Археолошкиот музеј, кое се промовира еден месец од неговото отворање. Потоа, придружувани од своите наставници, директорот на училиштето и раководителите од Секторот за образование при општина Кисела Вода, извршија обиколка на Археолошкиот музеј, запознавајќи се со различните историски  периоди, огромниот број на артефакти и  сцени од  животот на македонските предци, како и карактеритичните восочни фигури на личности од историскиот живот на Македонија.

 

Споделете:

Scroll to Top