Ваучери во вредност од 12.000 денари за новороденчињата денес додели Општина Кисела Вода на настан посветен на најмладите жители и нивните семејства. Мерката претставува финансиска поддршка за родителите во првите месеци по раѓањето на детето.
Покрај ваучерите, секое семејство доби и пакет со основни производи од „Мако маркет“, наменет за мајката и бебето, со неопходни производи за првите денови по доаѓањето на новиот член во семејството.
Градоначалничката на Општина Кисела Вода Бети Стаменкоска Трајкоска порача дека грижата за децата и семејствата започнува уште од првиот ден. Додаде дека финансиски средства се исплатени и за останатите новороденчиња од претходните месеци, за кои исплатата беше оневозможена поради изборниот процес.


-Вашето родителство е почеток на една голема животна одговорност, а нашата обврска како локална самоуправа е уште од самиот почеток да бидеме ваша поддршка. Со оваа мерка испраќаме јасна порака дека Општина Кисела Вода се грижи за своите жители уште од првиот ден, но и дека таа грижа продолжува и понатаму. Обезбедувањето доволен број градинки, подобрени и современи услови во училиштата, како и безбедни и уредени простори за детска игра, остануваат наши клучни приоритети. На сите вас, искрено ви честитам. Ви посакувам вашите деца да растат здрави, безгрижни и среќни, а Општина Кисела Вода да расте и да се развива заедно со нив.

Воедно, сакам да ги информирам и сите родители со новороденчиња кои аплицирале во изминатите месеци, а за кои, поради изборниот процес не беше можна исплатата, дека средствата ќе ги имаат на нивните сметки во текот на утрешниот ден-истакна градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска, повикувајќи ги сите нови родители слободно да аплицираат за оваа мерка.
Право на апликација имаат семејствата чии новороденчиња не се постари од 90 дена, а целосната потребна документација која е сосема едноставна, е достапна на веб-страницата на Општина Кисела Вода.




