Денес, во големата сала на општина Кисела Вода се одржа форум на кој присуствуваа 30-тина работодавачи од оваа општина. Претставници од Министерството за труд и социјална политика, Агенцијата за вработување на РМ, Центрите за вработување и Националниот совет за претприемништво и конкурентност во соработка со општина Кисела Вода, ги презентираа активните програми и мерки за вработување пред работодавачите.
Имајќи предвид дека успешноста во справувањето со овој проблем зависи првенствено од подготвеноста на државните институции, но и од приватниот сектор и неговите конкретни чекори за зголемување на вработувањето, како и од едуцираноста на невработените лица и нивната подготвеност за настап на пазарот на трудот на денешниот настан се дискутираше околу правилниот пристап кон создавањето на амбиент за економски развој, како соодветна подлога за намалување на невработеноста.
–Како општина која постојано презема мерки за подобрување на условите за живот и работа на своите граѓани со што нивниот потенцијал и иновативност би дошла до израз, оваа локална самоуправа е фокусирана кон подобрувањето на инфраструктурата и бизнис-средината, потикнување и поддршка на економските активности на приватниот сектор и градење на капацитетот на човечки ресурси за вработување, водење бизнис-активности и водење општински проекти, како би се надминале најголемите предизвици- невработеноста кај младите и модернизацијата на работењето на приватниот сектор-истакна Павлина Рибарска, раководител на Секторот за локален економски развој во општина Кисела Вода.
Активните програми и мерки за вработување, новите можности за вработување на млади, како и мерките за поддршка на бизнис секторот, икуствата од досегашното користење на истата, беа дел од презентацијата на АВРМ-Центарот за вработување и МТСП, по која започна дискусијата на работодавачите и нивните конкретни потреби и барања, со цел тие да бидат активни учесници во креирањето на политики според нивните потреби.
Вториот дел од настанот беше најмногу насочен кон младите кои во голем број присуствуваа на оваа форумска сесија и кои дадоа свои видувања на презентираното во однос на можностите за нивното идно вработување или самовработување.