Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски вечерва е на терен заедно со службите од Кисела Вода. Во самоорганизирана акција, сезонските работници, администрацијата од Кисела Вода, помогнати со механизација и работници од соседната општина Сопиште и од општина Кавадарци, го чистат наталожениот отпад од улиците во општина Кисела Вода, кој Градот Скопје веќе неколку дена не го собира, доведувајќи го во ризик здравјето на граѓаните.
Градоначалникот Ѓорѓиевски кој вечерва, до доцна во ноќта ќе биде заедно со општинските служби, упати порака дека нема да го остави својот народ да тоне во ѓубре, само затоа што Градот Скопје, кој е надлежен и платен од грашаните, е неспособен да исчисти.
-Како што и денес претходно дадов изјава поврзана со неколкудневното таложење на отпадот во Кисела Вода, вечерва на мое задоволство и помош од моите колеги градоначалникот Стефче од Сопиште и Митко од Кавадарци, започнавме со нивна помош, но и со нашите помали општински камиончиња и со нашите служби самите да го собираме отпадот. Сами се организиравме се со цел да не дозволиме нашата општина, но и градот Скопје да тоне во смет, кога на очиглед на целата јавност, некој што тоа треба да го работи е неспособен и нема начин тоа да го изведе. Не верувам дека вечерва ќе успееме да го собереме целиот отпад, но ќе бидат опфатени најфреквнтните, најударните места.
Добро сме организирани, нашите сеознски служби исто се на терен за што сакам од срце да им се заблагодарам, што во недела заедно со луѓето и службите што ни се приклучија од Кавадарци и Сопиште, ќе работат до доцна во ноќта и ќе можеме да ги исчистиме најфреквентните места, а со помалите општински камиони ќе ги чистиме руралните средини како Драчево, Припор и Усје, посочи градоначалникот на Кисела Вода.