Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денеска зеде учество на настанот „Демографски трендови, предизвици и можни решенија“, организиран од Министерството за социјална политика, демографија и млади, во координација со националниот координатор Владимир Ѓорчев. На настанот, свое обраќање имаше и Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, експертот за демографија и популациски политики, меѓународен консултант ангажиран од UNFPA од Вашингтон, Хозе Мигуел Гузман, националниот координатор Владимир Ѓорчев, Претседателот на ЗЕЛС Орце Ѓорѓиевски, како и повеќе министри, заменици министри и претставници од граѓанскиот сектор.
– Денес зборуваме за една мошне значајна тема – демографските предизвици и можни решенија. Јас лично како претседател, како и сите општини преку ЗЕЛС, сме подготвени да дадеме максимум во овој процес. Убеден сум дека преку координирана работа со институциите, граѓанскиот сектор и меѓународните партнери, ќе успееме да ги дефинираме приоритетите, да ги лоцираме вистинските предизвици – и што е најважно, да понудиме реални, применливи решенија. Впрочем, ова е и голем стратешки предизвик, препознаен со посебна глава во Националната развојна стратегија 2024–2044, под насловот „Социјален и демографски баланс“. Согласно оваа стратегија, треба да произлезат Националната стратегија и Планот за демографија. Главната мисија е изградба на инклузивно и одржливо општество преку трансформација на вредносниот систем,развој на човечкиот капитал преку ефективни образовни, здравствени и социјални системи, јасни пронатални и демографски политики,мобилизирање на потенцијалите на професионалната дијаспора, како и развој на туризмот преку интегрирање со културата и другите сектори. Процесот нема да биде лесен – но токму затоа сме тука: за да работиме активно, посветено и одговорно во создавање реални услови за напредок-истакна Претседателот на ЗЕЛС Ѓорѓиевски.
-Демографските предизвици бараат здружен одговор од сите сектори – институции, општини, граѓански организации, но и секој поединец. Локалната самоуправа, како прв контакт со граѓаните, има клучна улога“, нагласи Ѓорѓиевски, додавајќи дека ЗЕЛС е подготвен активно да се вклучи во процесот. Тој потсети дека демографскиот пад е сериозен – 34% од граѓаните живеат надвор од земјата. Младите заминуваат не само од економски причини, туку и поради слаба инфраструктура, недостиг на квалитетни услуги, недостаток на перспектива, или поради чувство дека институциите не работат за нив. Дел од нив се иселуваат и поради замор од постојани пречки – било домашни, било европски – на патот кон реализација на нивните соништа.
Во своето обраќање тој се задржа и на позитивните резултати кои се бежат во оваа сфера во Општина Кисела Вода .
-Од аспект на градоначалник на Кисела Вода, сакам да назначам дека ние имаме позитивни резултати. Општина Кисела Вода во последните години бележи пораст на бројот на жители. Тоа е резултат на активни локални политики насочени кон задржување и враќање на младите. Но, мораме да бидеме свесни – не може и не смее целата држава да се потпира на неколку урбани општини. Преселувањето од внатрешноста кон градовите е само привид на раст – вистинскиот напредок се гради преку рамномерен развој на сите општини во државата.

Во Кисела Вода, презедовме конкретни чекори – еднократната помош за секое новороденче ја зголемивме на 12.000 денари. Започнавме изградба на пет нови градинки и ги проширивме капацитетите во уште пет постојни. На тој начин обезбедивме простор за згрижување на децата и го олеснивме вклучувањето на родителите, особено мајките, во пазарот на трудот. Имплементиравме и мерки како „Кисела Вода – моја адреса“, со кои младите брачни парови се ослободуваат од плаќање на комуналии при изградба на сопствен дом. Ова е конкретна и суштинска поддршка за останување тука, за изборот да се гради живот во татковината.
Спречувањето на иселувањето и подобрување на наталитетот не може да се постигне само со финансиски стимулации. Потребно е сериозно инвестирање во инфраструктурата, достапност на образованието и здравството, транспарентна администрација и амбиент кој ќе ги мотивира инвеститорите да вложуваат и да отвараат работни места. Сето тоа – во континуитет.
Се разбира дека во сето ова примат треба да има обезбедувањето на забрзан економски развој, заедно со јакнењето на инфраструктурата – што е и еден од приоритетите на Премиерот Христијан Мицкоски и Владата на Република Македонија. Тоа ќе биде иницијалната каписла за подобрување на наталитетот, намалување на емиграцијата и враќање на младите – кои со себе ќе донесат знаење, искуство и нова енергија за општеството.

Како претседател на ЗЕЛС, уште еднаш потенцирам дека локалната самоуправа е подготвена, мотивирана и активна во поддршка на овој процес. Притоа, децентрализацијата мора да стане реалност, за да им овозможиме на општините вистински да одговорат на потребите на граѓаните. Дополнително, дигитализацијата мора да се интензивира – за да им го олесниме животот на граѓаните и истовремено да го намалиме просторот за корупција-заокружи Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски.