Search
Close this search box.

Ѓорѓиевски: Завршена e првата траса од фекалната канализација во Стаклара-Каменик

Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денес ја посети населбата Стаклара-Каменик, каде се заврши првата од двете предвидени траси од изградбата на фекалната канализација. Се работи за многу значаен проект кој се реализира преку финансиско партнерство на Општина Кисела Вода со општествено одговорните компании и ќе овозможи конечно септичките јами во Стаклара да заминат во историјата. На пролет започнува и изградбата на водоводната мрежа, за што средствата се обезбедени преку Министерството за животна средина.

-Со огромно задоволство денес сме во населбата Стаклара-Каменик, каде ја завршивме првата од предвидените две траси од фекалната канализација, во должина од 3600 метри. Овој значаен проект, финансиран преку финансиско партнерство на Општина Кисела Вода со општествено одговорните компании од овој дел на општината, претставува историски чекор за оваа населба.

Преку 500 семејства и голем број бизнис субјекти, кои со децении живееја во услови недостојни за 21 век, конечно добиваат основна инфраструктура која ќе им овозможи квалитетен живот и нормално делување. Поставувањето на фекалната канализација значи крај на долгогодишната употреба на септички јами, што беше не само хигиенски и еколошки проблем, туку и голема пречка за развој на овој дел од нашата општина.

Посебно сум горд што успеавме да ги вратиме надежта и вербата на жителите на Стаклара-Каменик, кои педесет години наназад беа заборавени од сите претходни раководства. Овој проект продолжува – наскоро ќе започне изградбата на втората траса од фекалната канализација во должина од 1200 метри. Воедно, очекуваме да заврши и тендерската постапка која ја спроведува Министерството за животна средина, кое пак ги обезбеди финансиските средства за изградба на водоводот. Изградбата на водоводната мрежа очекуваме да започне на крајот од март или почетокот на април.

По завршувањето на овие подземни инфраструктурни зафати, ќе следува асфалтирање на улиците, со што ќе се постигне не само целосна функционалност туку и современ естетски изглед на оваа населба.

Искрено се заблагодарувам на сите кои зедоа учество во овој проект – на жителите, на компаниите, на Министерството за животна средина и на тимот на Општина Кисела Вода. Заедно покажавме дека со упорност и посветеност може да се надминат децениските проблеми и да се создадат услови достојни за живот и работа.

Стаклара-Каменик веќе не е заборавена населба – туку место кое ќе продолжи да се развива, со целосна поддршка од општината- изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Споделете:

Scroll to Top