Во ООУ “Кирил Пејчиновиќ”, во општина Кисела Вода денес се одбележа петти октомври, Светскиот ден на учителите.
Човештвото тежнее кон напредок, а тој напредок не е замислив без грандиозната улога на учителот. 21-от век е предизвик за современиот учител-истакна во своето обраќање пред присутните претседателот на Сојузот на просветни работници Зорица Русевска, додавајќи дека професијата учител е една благородна професија која игра значајна улога за духовното изградување на младите личности, за збогатување на нивните знаења и за промовирање на вистинските вредности.
УНЕСКО го прогласил овој ден за Меѓународен ден на учителите во 1993 година. Интернационалата за образование, која претставува 29 милиони образовни работници во 166 земји, го празнува Светскиот ден на учителот од 1966 година. Република Македонија, овој ден го чествува од 1995 година.
На настанот организиран од Сојузот на просветните работници, Домот на просветните работници и Здруженијата на просветните работници во соработка со општина Кисела Вода, беше организирана пригодна програма на која беа прогласени најистакнатите просветни работници од сите сфери на образованието за 2013/2014 година .
Признанија добија:
Татјана Митковска, дефектолог во ПОУ “Иднина”- Скопје
Мирјана Китановска, воспитувач во ЈДГ “8 Март”, Скопје
М-р Билјана Мишева, одделенски наставнок во ОУ “Даме Груев”, с.Ерџелија, Свети Николе
Ирена Христовска, одделенски наставник во ОУ “Невена Георгиева-Дуња”-Скопје
Надежда Апостоловска, професор по македонски јазик во ОУ “Братство Миѓени”-Тетово
Решат Арслановски-проф. Во ОУ “Мурат Лабунишки”, с. Лабуништа, Струга
Венка Тадирова, директор на ДСУ “Коста Сусинов”, Радовиш