Во текот на последното тромесечје овластените инспектори за животна средина при Општина Кисела Вода, согласно своите надлежности вршеа засилени инспекциски контроли. Инспекциските надзори се вршеа по пријава од граѓани и а воедно се одвиваа и редовни инспекциски надзори. Се контролираа, пред се, правните субјекти кои согласно Закон за животна средина се должни да изготват елаборат за заштита на животна средина за чие одобрување е надлежна општината.
Поради актуелниот проблем со загадувањето на воздухот посебен акцент при инспекциските надзори се даде на правните субјекти кои работат со отпадни моторни масла и отпадни гуми (механичарски сервиси и вулканизери) при што се контролира дали истите имаат склучено договор со лиценциран постапувач со таков вид отпад и дали отпадот редовно се предава на лиценцираниот постапувач. Се контролира и начинот на затоплување во објектите.
Во наведениот период извршени се над 40 инспекциски надзори и издадени се 8 решенија за отстранување на неправилност.
При спроведување на инспекциската постапка согласно Закон за животна средина се спроведува и постапка за едукација на правни и физички лица. Казната за прекршувањето на овој Закон изнесува 3.000 евра за прави лица.