Почитувани претставници на медиумите, драги сограѓани,
Последните трагични настани длабоко нè потресоа сите нас.
Дозволете најнапред, како претседател на ЗЕЛС и во име на сите градоначалници, да изразам искрено сочувство до семејствата на загинатите и да посакам побрзо и успешно опоравување на повредените.
Во овие моменти на тага и болка, ја делиме вашата мака.
Истовремено, чувствуваме силна обврска да превземеме активности во насока на проверка на сите издадени дозволи и објекти кои се користат за собирање на повеќе луѓе.
Нашата решителност е голема: безбедноста на граѓаните да биде на прво место.
Веднаш по немилите настани, презедовме итни активности.
Сите општини, координирани преку ЗЕЛС, започнаа вонредни инспекциски контроли на сите објекти од јавен карактер низ државата.
Ова значи дека во голем број од општините детално се проверуваат училиштата, градинките, спортските сали, културните домови, но и сите угостителски објекти и други места каде што секојдневно се собираат наши сограѓани.
Особен акцент ставивме на објектите во кои престојуваат деца и млади.
Нашата најголема одговорност е да обезбедиме дека училиштата и градинките, каде нашите најмлади го минуваат својот ден, се целосно безбедни.
Слично внимание посветуваме и на младинските центри, спортските игралишта и сали – секое место каде што се собираат младите мора да ги исполнува највисоките безбедносни стандарди.
Во таа насока, воспоставивме тесна и силна координација со Владата на Република Македонија, и лично со претседателот на Владата.
Од првиот момент после несреќите, сме во постојана комуникација со премиерот, со единствена цел – брза и усогласена акција за надминување на состојбата.
Поддршката од централната власт е клучна и ние ја имаме: Владата стои рамо до рамо со општините во спроведувањето на овие вонредни контроли. Оваа координирана активност на локалната и централната власт е најдобар доказ дека безбедноста на граѓаните е заеднички приоритет и дека делуваме како еден.
Како ЗЕЛС, ја преземаме улогата на координатор на сите овие активности на локално ниво.
Ќе ги обединиме напорите на општините, овозможувајќи им меѓусебна помош и споделување на ресурси и знаења.
Таму каде што една општина има посилни инспекциски капацитети, тие ќе се стават на располагање на оние кои имаат потреба.
Искуствата од еден град ќе ги пренесуваме во друг. Нашата цел е јасна: секоја општина, без оглед на големината или ресурсите, да може темелно да ги провери сите објекти на своја територија.
Заедно, преку ЗЕЛС, ќе создадеме мрежа на солидарност и ефикасност, за ниедна средина да не заостане во проверките.
Можам да известам дека првите резултати од оваа акција веќе ги гледаме на терен.
Во поголемите општини веќе се спроведуваат детални контроли на објектите.
Инспекциските служби таму работат посветено, проверувајќи ја целокупната документација на објектите и почитувањето на сите безбедносни стандарди. Се внимава на сè бидејќи не смее да се пропушти ништо, се внимава дали објектите имаат исправна противпожарна опрема и функционални противпожарни хидранти, дали електричните инсталации се безбедни и соодветно одржувани, постојат ли јасно обележани и функционални евакуациски патеки и планови, како и дали се поседуваат сите потребни дозволи и безбедносни елаборати.
Ваквите контроли ќе бидат спроведени во секоја општина, и веќе гледаме дека многу градоначалници низ земјата ги мобилизираат своите служби по истиот пример.
Јасно ставаме до знаење: ќе има нулта толеранција за евентуалните неправилности.
Доколку инспекциите утврдат дека некаде има пропусти или непочитување на пропишаните стандарди, ќе се преземат решителни мерки согласно надлежностите на локалната самоуправа.
Тоа значи дека објектите кои не се безбедни ќе добијат налози за итно отстранување на недостатоците, а доколку е потребно, ќе се привремено затворат додека тие недостатоци не се исправат.
Нема да дозволиме небрежноста или неодговорноста да продолжат да ги загрозуваат нашите граѓани. Законот и прописите мора да важат подеднакво за сите, и секој што ги прекршил ќе се соочи со последици.
Овие инспекциски контроли нема да бидат еднократна акција, туку континуиран процес. И во наредните недели и месеци ќе продолжиме систематски да ги проверуваме објектите ширум државата.
Целта е јасна и долгорочна: сите јавни и приватни објекти каде што се собираат луѓе – било да се тоа образовни институции, здравствени установи, трговски центри, спортски и културни објекти, или угостителски локали – да бидат безбедни.
Секој поединец има право на сигурност кога е во училиште, на работа, на спортски настан или во кафеана. Наша обврска, како институции, е да ја гарантираме таа сигурност.
На крај, сакам да упатам повик за заедничка посветеност.
Безбедноста не е само задача на инспекторите, градоначалниците или министрите – таа е наша заедничка задача, на целото општество. Затоа, континуираната соработка помеѓу локалната и централната власт мора да биде придружена со активно учество на граѓаните.
Ги повикуваме сите наши сограѓани: ако забележите небезбедни услови, пријавете ги; ако управувате објект каде се собираат луѓе, почитувајте ги правилата и стандардите. Секој од нас има улога во градењето побезбедна заедница.