Градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска, заедно со премиерот Христијан Мицкоски, вицепремиерот Александар Николоски, градоначалникот на Град Скопје Орце Георгиевски, како и останатите градоначалници на локални самоуправи, денес официјално ја означија промоцијата на долгоочекуваниот проект за воведување на градски воз во Скопје.
Настанот започна со симболично патување со воз од железничката станица Зелениково до Нова железничка станица Скопје, со што официјално беше пуштена во употреба првата од трите предвидени линии. Оваа прва траса се движи на релација Зелениково – Ново Зелениково – Орешани – Јане Сандански – Драчево – Лисиче и Нова железничка станица Скопје. За потребите на проектот, „Железници Инфраструктура“ изврши целосна реконструкција на пругата за да се подигне брзината и капацитетот, додека сообраќајот ќе се реализира со три возови според прецизен ред на возење утврден од МЖ „Транспорт“.
-Ова е историски момент не само за Скопје, туку особено за жителите на нашите населби во Кисела Вода, кои директно добиваат брза, евтина и еколошка врска со центарот на градот. Со реализацијата на „Градски воз“ покажуваме дека заложбите за подобар јавен превоз се претвораат во реалност што го олеснува секојдневието на нашите граѓани. Ова е доказ дека кога институциите работат синхронизирано, резултатите се видливи. Продолжуваме да поставуваме европски стандарди директно во нашите маала.- изјави градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.
Проектот „Градски воз“ е стратешка идеја на Владата чија цел е периферните и приградските делови на Скопје да се поврзат со централното градско подрачје, нудејќи им на граѓаните побрз, поевтин, поефикасен и поеколошки јавен превоз. Од особено значење е што овој систем целосно се интегрира со сообраќајниот ред на возење на ЈСП, обезбедувајќи квалитетна секојдневна врска за граѓаните, студентите и учениците. Паралелно, во тек се и активностите за проектирање на втората линија (од Нова железничка станица преку Бутел и Скопје-Север до Ѓорче Петров) и третата линија (од Нова железничка станица преку Автокоманда и Маџари до Илинден).












