Продолжува континуитетот на поддршка и добра соработка помеѓу НР Кина и Општина Кисела Вода. Во текот на вчерашниот ден, делегација на амбасадата на НР Кина, предводена од амбасадорот Zhang Zuo, го посетија училиштето “Рајко Жинзифов, симбол на кинеско-македонското пријателство” во Драчево и обезбедија донација од 27 таблети.
Модерните технолошки ресурси значат силна поддршка во унапредувањето на наставниот процес, како значаен фактор за остварување на полниот потенцијал на учениците. Кисела Вода, како локална самоуправа која исклучително води грижа за развојот на младите генерации и формирањето на иден компетентен кадар, и самата многу инвестира во опремувањето на училиштата со дигитални уреди и модернизацијата на наставата.
Обезбедената поддршка во таа насока од страна на НР Кина дополнително го зголемува значењето на кинеско-македонското пријателство кое се гради веќе долги години.
Инаку, ООУ “Рајко Жинзифов, симбол на кинеско-македонското пријателство” беше изградено во 2014 година, како целосна донација од НР Кина.