Од вечерва, на улица “Антон Попoв” бр. 1 (поранешна “Огњан Прица” бр.1), во општина Кисела Вода, функционира нов здравствен објект. Поликлиник Скопје е приватна здравствена установа која на пациентите ќе им нуди широка палета од здравствени услуги. Честа да го означи отворањето на овој објект ја имаше градоначалникот на општина Кисела Вода, Билјана Беличанец Алексиќ.
– Вечерва имам чест да бидам дел од отворањето на една нова приказна во областа на здравјето на луѓето. Од оваа адреса, на која денес се наоѓаме, започнува да функционира новиот здравствен објект во општина Кисела Вода, кој на пациентите ќе им понуди медицинска услуга базирана врз реалните здравствени потреби на поединецот. Моја лична заложба, како градоначалник на општина Кисела Вода, е сите жители на овој дел од градот да имаат право на квалитетна здравствена услуга. Постоењето на ваков здравствен објект, значи подигнување на стандардите во лекувањето, но значи и постоење на избор, што води кон создавање на конкуренција. А конкуренцијата секогаш создава квалитет- истакна пред присутните на свеченото отворање Беличанец-Алексиќ. Нагласи дека посебно ја радува тоа што отворањето на ваков современ и опремен здравствен објект, ќе значи и отворање на нови работни места и тоа за високостручен кадар од областа на медицината и медицинските науки.
Директорот на Поликлиник Скопје, д-р Владо Велјановски,заблагодарувајќи им се на гостите за присуството потенцираше дека во овој здравствен тим работат професионалци за кои постигнувањето на дијагностичките и терапевтските можности што ги нуди нашето време, со континуирано усовршување, едукација и подобрување на здравствените услуги е константен предизвик.
– Нудиме второ мислење, бескомпромисен професионализам, здравствена услуга со продолжено работно време. За нас пациентот секогаш е во центарот на вниманието, нагласи д-р Велјановски.