Денес, во просториите на Општина Кисела Вода се одржа втората седница на општински совет за превенција на детско претстапништво. На седницата беше усвоен Деловникот за работа на Советот, а членовите ја разгледаа и Предлог-годишната програма за работа, како и Акцискиот план за претстојниот период. Советот ќе продолжи со реализација на конкретни и континуирани активности насочени кон јакнење на свеста кај децата и младите за превенција од врсничкото насилство, поттикнување на позитивни вредности и создавање побезбедна средина за нивен раст и развој.
Во рамки на соработката со здружението КРИК, и понатаму е овозможена бесплатна телефонска линија за поддршка, како и психолошка помош за децата, младите и нивните семејства, со цел навремено препознавање и надминување на предизвиците со кои се соочуваат.
-Превенцијата започнува со навремена поддршка, едукација и грижа за нашите деца. Како локална самоуправа остануваме посветени на создавање безбедна и поттикнувачка средина во која секое дете ќе може да расте и да се развива без страв од насилство и негативни влијанија. Преку работата на Општинскиот совет за превенција на детско престапништво, како и преку соработката со институциите и граѓанскиот сектор, продолжуваме да градиме механизми за рана превенција и поддршка на младите. Нашата цел е да создадеме заедница во која децата ќе бидат заштитени, слушнати и охрабрени да го достигнат својот целосен потенцијал. – изјави градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.
Општина Кисела Вода останува посветена на градење систем на превенција, поддршка и заштита на децата преку заедничка работа на институциите, граѓанскиот сектор и локалната заедница.




