Search
Close this search box.

​Од четврток Фестивал на инклузија во општина Кисела Вода

Од 20 јуни 2024 година (четврток) од 20:00 часот, во Паркот Македонија, започнува третото издание на Фестивалот на инклузија кој го организираат здруженијата Икуалити и Визија Плус со поддршка од Општина Кисела Вода. И оваа година фестивалот ветува богата содржина, интегративни и инклузивни работилници за деца и млади, активности за сите генерации, како и многу забава низ богата музичка програма, филмска вечер, театарска претстава.

Отворањето, на 20 јуни во 20:00 часот, ќе го одбележат дечињата од инклузивниот бенд од школото „Димитар Влахов“ под водство на професор Кристијан Тасевски и пијанистката Ема Ананиевска, како горди претставници на заедницата на лица со попречености.

Музичката програма ќе ја предводат магичните Зарина Првасевда, Дина Јашари, Нина Јанева со бендот, ДЏ Мартин Делимитов, ДЏ Џон Антонио.

Програмата ја збогатуваат и спортските работилници „Испробај се во баскет во колички“ за секој заинтересиран да се проба во најпопуларниот инклузивен спорт – кошарка во инвалидска количка, уметничките работилници за најмладите „Од украс до отпад -правење фигури и украси“ и за изработка на наметки за суперхерои „Ние сме супер-херои“ во соработка со Специјалното училиштето „Св. Наум Охридски“, и работилницата за танци „Танцувај со нас“.

Во четиридневната прорама се предвидени и целовечерни филмски проекции на платно со меѓународно наградени филмови на социјално инспиративни инклузивни теми и танцовата инклузивна претстава „Сеќавања“ во изведба на Танцовото студио – Еурека, како и магионичарско шоу.

Програмата ќе биде заокружена со дебатата „Креираме инклузија и интеграција преку меѓусебна поддршка“ со учество на родители на деца со попречености, која ќе ја модерира претседателот на Здружението Икуалити, Гере Трипков, како и со изложбата на цртежи на деца од општинските школи од Општина Кисела Вода на тема „Заедно можеме“.

За прв пат од оваа година, Здружението Икуалити ќе додели награди „Шампиони на инклузијата“ доделени за придонес и промоција на правата на лицата од социјално ранливите заедници во категориите: лице со попреченост, организација, општествено одговорна компанија, јавна личност, градоначалник и амбасадор.

Фестивалот на инклузија и Општина Кисела Вода ги поканува сите жители на градот Скопје, но и од целата држава, да не посетат, да се забавуваат, инспирираат и поврзуваат и преку сите фестивалски културно-уметничко-забавни настани да се приклучат во креирањето ненадминлива позитивната енергија со цел рушење на бариерите во општеството и создавање простор за поттикнување и промоција на способностите на најранливите и маргинализираните.

Целосната програма можете да ја погледнете на следниот линк: https://equality.agency/3-festival-na-inkluzija/

Споделете:

Scroll to Top