Search
Close this search box.

Општина Кисела Вода доби донација во спортска опрема

 За успешно развивање на училишниот и рекреативниот спорт, општината Кисела Вода од Агенцијата за млади и спорт денеска доби донација  во спортска опрема. Договорот за соработка помеѓу двете институции за уредување на правата и обврските за движните ствари (спортската опрема), кои се даваат на трајно користење без надомест на Општина Кисела Вода, го потпишаа градоначалникот на Општина Кисела Вода, Билјана Беличанец – Алексиќ и директорот на Агенцијата за млади и спорт, Александар Пујовски.

 

Донацијата е утврдена со одлука на Владата на Република Македонија, согласно која Општина Кисела Вода ќе добие 11 пинг – понг маси, 22 пинг – понг сетови, 30 пинг – понг топчиња, по 55 фудбалски, кошаркарски, ракометарски и одбојкарски топки, и 55 шаховски табли, кои ќе бидат ставени на располагање на учениците од основните училишта во општината.

-“Општина Кисела Вода отсекогаш го имала приматот на “расадник на спортски таленти”, а со оваа донација во спортска опрема, убедена сум дека овој примат дополнително ќе го потврдиме” – истакна градоначалникот Беличанец – Алексиќ.

Таа се заблагодари на Владата на Република Македонија и Агенцијата за млади и спорт за донацијата, која како што рече, ќе придонесе во развојот на училишниот спорт во Општина Кисела Вода. Инаку, од страна на Федерацијата на училиштен спорт, училишниот спорт во Општина Кисела Вода на два наврати е прогласен за најмасовен и најорганизиран училиштен спорт во Македонија.

Беличанец – Алексиќ ја потенцираше успешната соработка со Агенцијата за млади и спорт, а ги напомена и проектите за изградба на две нови спортски сали и ново тениско игралиште, кои во следниот период ќе се реализираат на територијата на општината во соработка со Владата на Република Македонија и Агенцијата за млади и спорт.

-“Оваа спортска опрема, која општината ќе ја предаде во употреба на основните училишта, се надевам дека ќе им помогне на младите таленти за развивање на спортскиот дух и градење на здрави навики преку рекреативните спортски активности” – заврши Беличанец – Алексиќ.

Спортската опрема ќе се дистрибуира во сите осум основни училишта за потребите на училишниот спорт.

Споделете:

Scroll to Top