Search
Close this search box.

Општина Кисела Вода избира најдобар наставник, воспитувач и негувател

Општина Кисела Вода распиша оглас за доделување награди за најдобрите воспитувачи и негуватели од јавните детски градинки, како и за најдобрите наставници од општинските основни училишта на оваа територија. За оваа награда можат аплицираат одделенски и предметни наставници кои се вработени во општинските основни училишта од Општина Кисела Вода, како и воспитувачи и негуватели, вработени  во јавните детски градинки  од Општина Кисела Вода.

 

Кандидатите за избор на најдобар воспитувач или негувател треба да исполнат повеќе услови и критериуми во поглед на резултатите од нивната воспитно-згрижувачка работа, активности за лично и професионално учење и развој, како и примената на стекнатото знање во секојдневната работа со дечињата, одговорност кон работата, успех во  соработката и комуникацијата со родителите, вработените и стручниот тим и слично. При изборот во предвид ќе се земат и мислењата од стручниот совет на градинката во која работат и родителите чии деца се директно вклучени во воспитно – образовниот и згрижувачкиот процес.

Кандидатите за најдобар одделенски и предметен наставник треба да имаат остварено одлични резултати во поглед на планирање, реализирање и организирање на наставата, да применуваат иновативни наставни методи, форми и техники, да поттикнуваат повисоки мисловни процеси, критичко мислење, анализа, решавање на проблеми кај учениците. Да учествуваат во подобрување на училишната структура, организација на работата и училишната клима, како и да креираат развојни политики во училиштето. При изборот, во предвид ќе биде земено и мотивирањето, комуникацијата и оценувањето на постигнувањата на учениците и добиените потврди за менторство во последните 5 години на наградени ученици на општински, регионален, државен и меѓународен натпревар за предмети согласно наставните планови и програми за воспитно образовна дејност во основното образование, како и индивидуални награди на општински, регионални, државни и меѓународни натпревари. Во поглед на критериумите и посебните услови, кандидатите треба да поседуваат сертификати за учество во реализација на проекти и семинари кои се од значење за воспитно образовниот, добиени во последните 5 години од акредитирани установи и институции, да се автори или коавтори на учебници, стручна литература и други написи.

За кандидатите мислење за исполнување на општите услови и критериуми наведени во огласот ќе даде наставничкиот совет во училиштето во кое работат.

Наградите се парични. Ќе бидат наградени по еден предметен и одделенски наставник од секое општинско основно училиште, како и по еден негувател и еден воспитувач од сите 12 клонови на двете општински градинки во Општина Кисела Вода.

Барањата и изјавите со потребната документација  потребно е да се доставуваат по пошта на адреса

Општина Кисела Вода

 ул. “Петар Дeљан” бр.17

или во архивата на Општината со назнака – “За избор на најдобар воспитувач и неговател” – Комисија за доделување на награди за најдобри воспитувачи и негователи од јавните детски градинки на Општина Кисела Вода, односно со назнака – “За избор на најдобар наставник” – Комисија за доделување на награди за најдобри наставници од општинските основни училишта на Општина Кисела Вода.

Воедно критериумите и целокупната потребна документација се достапни на општинската веб страница на следниот линк:

ПРЕВЗЕМИ ПОТРЕБНИ ДОКУМЕНТИ

Рокот за пријавување започнува од 21.05.2018 година и трае 5 дена од денот на објавувањето на огласот.

Споделете:

Scroll to Top