Search
Close this search box.

Поставен камен темелник на ”Верверичка”, новата градинка во општина Кисела Вода

Со свечено поставување на камен темелник денес започна изградбата на новата градинка ”Верверичка”, во населбата 11 Октомври Згради која за околу 6 месеци ќе може да ги прими првите дечиња.

Истата има капацитет за 110 деца и се гради преку финансиско партнерство помеѓу Општина Кисела Вода и Комерцијална Банка АД Скопје.

На настанот градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и д-р Маја Стевкова Штериева, Главен финансов директор и член на Управниот одбор на Комерцијална банка ја назначија важноста на ваквите проекти кои претставуваа инвестиција во раниот детски развој, кој е клучен во формирањето на личноста на секој човек.

Во новата градинка најмногу место ќе има за најмалите дечиња кои чекаат да бидат запишани во јасли, што за мене како градоначалник е убава вест, бидејќи е сигурен знак дека нашата општина расте. Децата се нашиот највреден ресурс и инвестирањето во нив е најзначајниот влог што можеме да го направиме. Убаво е да се има сојузници во оваа значајна мисија, и затоа сакам да се заблагодарам на Комерцијална Банка АД Скопје, со која заеднички, преку финансиско партнерство, го градиме овој нов објект. Имено, за реализација на овој проект, Општина Кисела Вода обезбеди 8 милиони денари, а Комерцијална Банка учествува со значајни 6 милиони денари. Заедничката посветеност кон заедницата и разбирањето за важноста на детското образование и развој, се заеднички благородни цели со кои ги обликуваме темелите на иднината на нашето општество. Би сакал да истакнам дека ние, како општина сме исклучително посветени во оваа област, за што говорат сите преземени активности во овие две години. Веднаш до нас се наоѓа објектот Кокиче, чиј капацитет неодамна беше проширен за 90 деца. Отворивме две нови детски градинки, во Усје и во Драчево. Во моментот се одвива проект за проширување и реконструкција на дел од градинката “Пеперутка 1” во Драчево, каде 50-тина години не беа извршени речиси никакви реконструктивни зафати. Обезбедени се и финансиски средства за изградба на уште една нова градинка во Расадник, а заедно со објектот “Верверичка”, кој денес го почнуваме силно верувам дека сме на вистинскиот пат да ја оствариме целта-да ги затвориме наследените листи на чекање од минатото на кои имаше преку 400 деца- изјави градоначалникот Ѓорѓиевски уште едаш заблагодарувајќи се на Комерцијална Банка АД Скопје, со која беше поделена визијата за подобра и поуспешна заедница.

Огромно е задоволството кога новата година ја започнуваме со нова благородна мисија, со која ќе обезбедиме модерна градинка за дечињата од Кисела Вода. Комерцијална банка е особено горда на секој свој придонес кој значи подобра грижа, поздрав раст и повесели денови за секое дете. Затоа дониравме за реновирање на Детската клиника за кардиологија и ревматологија. Затоа помагаме за опремување сензорни соби во училиштата. Го поттикнуваме инклузивното општество во кое сите треба да имаме еднакви можности. А, донацијата за изградба на градинка во Кисела Вода дефинитивно ни го стопли срцето во овие студени денови затоа што значи уште едно весело катче исполнето со детска смеа и дружба“, изјави на свеченоста д-р Маја Стевкова Штериева, Главен финансов директор и член на Управниот одбор на Комерцијална банка. 

Градинката “Верверичка” е осмиот објект во состав на ЈДГ „Весели Цветови“. Со нејзината изградба ќе се добијат шест нови занимални во кои ќе можт да бидат згрижени околу 110 деца.

Споделете:

Scroll to Top