Со партија помеѓу претседателот на Советот на општината Кисела Вода, Трајче Донев и претставник од МЗ Пржино, започна последното коло од есенската сезона во шаховската лига меѓу месните заедници, чиј покровител е градоначалникот Билјана Беличанец Алексиќ. Во ведра атмосфера, шахистите од општина Кисела Вода ги одмерија силите на шаховската табла и го добија есенскиот шампион за сезоната 2014/2015 година.
Со освоени 16 бода, оваа титула ја понесе МЗ Бирарија.
Во последниот петти натпреварувачки ден, се играа средбите од последното деветто коло и неколку заостанати средби. МЗ Бирарија со 3:1 ја совлада екипата на општина Кисела Вода, иако организаторите беа засилени со претседателот на Советот на општината Кисела Вода, Трајче Донев кој настапи на првата табла. Вице-шампион е екипата на МЗ Пинтија која освои 13 бода, додека МЗ Пржино ја зазеде третата позиција на табелата.
Пролетната сезона ќе започне во средината на февруари, а за декември оваа година, општината Кисела Вода ќе организира поединечно првенство кое треба да заврши со симултанка на велемајсторот Роландо Кутиров, инаку, член на Советот на општина Кисела Вода и претседател на комисијата за спорт.