Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, градоначалникот на Општината Кисела Вода, Билјана Беличанец – Алексиќ и директорите на јавните градски претпријатија, денеска одржаа средба со претставници на урбаните заедници од општина Кисела Вода, со што и официјално започна дванаесеттиот циклус посети на општините на Град Скопје и средби со претставниците на урбаните и месните заедници.
– И оваа година овој циклус посети на скопските општини го почнуваме од општината Кисела Вода. Ова е одлична можност да се сретнеме со претставниците на урбаните и на месните заедници и да ги слушнеме мислењата на грѓаните за проектите на Градот Скопје и нивните потреби од областа на урбаното живеење. Ќе разговараме за прашања од областа на сообраќајот, за новите сообраќајни решенија што минуваат низ општината Кисела Вода, за јавната хигиена и одржувањето на зеленилото, за подобрувањето на услугата на јавните претпријатија и за многу други прашања, рече Трајановски.
На средбата првиот човек на Град Скопје направи краток осврт за сите досега реализирани проекти на територијата на Општина Кисела Вода, а како најважен проект кој треба да започне да се реализира оваа 2015 година е продолжувањето на проектот за реконструкција и проширување на улица „Борис Трајковски”, каде што годинава треба да почне реализација на третата фаза од овој проект, покрај фабриката Охис на потег во должина од околу 2 километра.
Градоначалникот на општината Кисела Вода, Билјана Беличанец – Алексиќ ја поздрави оваа работна пракса и средби, нагласувајќи дека истата резултира со голем број реализирани проекти, како и на значително зголемување на квалитетот на услуги кои ги даваат Градот Скопје и јавните претпријатија.
На средбата со урбаните заедници, на којашто покрај градоначалниците присуствуваа и директорите на јавните претпријатија, раководителите на пунктовите на претпријатијата, како и претставници на секторите од администрациите на Градот Скопје и од Општина Кисела Вода, се дискутираше за состојбите на терен во општината, меѓусебната соработка, како и резултатите од истата.