Денес фудбалерите на младинската екипа на ФК„Вардар“ во соработка со општина Кисела Вода и со основното училиште „Кирил Пејчиновиќ“ им приредија убаво изненадување на учениците од истото.
Во дворот на ова училиште тие имаа можност да се сретнат со своите миленици од младинската екипа на ФК „Вардар“, имаа можност да се запознаат, дружат, фотографираат, да разменат мислења и искуства за нивниот омилен спорт. На крајот од средбата фудбалерите заедно со учениците изиграа пријателски натпревар преку кој им ги покажаа своите фудбалски вештини и трикови.
Фудбалерите средбата ја искористија и да елат автограми, маички и капчиња со логото на ФК „Вардар“.
Александар Васовски – асистент тренер на ФК „Вардар“ ја нагласи важноста на спортот за здравјето на децата.
-За нас претставува задоволство оваа средба со учениците, преку овие заеднички дружења сакаме да ги насочиме кон правиот пат и здравиот начин на живот, изјави Александар Васовски – асистент тренер на ФК „Вардар“.
-Целта на нашата посетата на ова училиште е на децата да им ги пренесеме нашите спортски искуства, да им пренесеме порака да спортуваат и да се изградат во здрави личности, изјави Никола Глигоров, фудбалер на ФК „Вардар“.
-Денешниов настан организиран од страна на нашето училиште, а во соработка со општина Кисела Вода и ФК Вардар има за цел, промовирање на здравиот начин на живот, всадување на љубов кон спортот и покажување на вистинските вредности за изградба на учениците во вистински личности. Сакам да упатам голема благодарност до општина Кисела Вода, младинската екипа на ФК Вардар, ЖРК Вардар кој ни помагаат во промовирањето на спортот, изјави Сашо Јованоски директор на ОУ „Кирил Пејчиновиќ“.
Фудбалерите на Вардар во четврток ќе гостуваат и во ОУ „Невена Георгиева – Дуња“ во општина Кисела Вода.
Во исто време денеска почна и традиционалниот турнир по физичко образование кој во организација на општина Кисела Вода се одржува секоја година по повод патрониот празник на општината „Ѓурговден“.
Учениците од основните училишта на територијата на општина Кисела Вода ќе се натпреваруваат во повеќе спортски дисциплини, како одбојка, мал фудбал, ракомет и кошарка. Натпреварите ќе се играат во спортката сала „Независна Македонија“ во ОУ „Невена Георгиева Дуња“ и спортската сала Архиеписко Доситеј во ОУ „Круме Кепески“. Според предвидената програма турнирот ќе заврши на 5 мај со доделување на пехари на најуспешните екипи.