Search
Close this search box.

Градоначалникот Ѓорѓиевски на одбележувањето на Денот на згрижувачките семејства

Претседателот на ЗЕЛС и Градоначалник Орце Ѓорѓиевски заедно со заменик министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски , денес беше дел од настанот кој се одржуваше во Јавната установа Детски Дом „11 Октомври“ -Скопје по повод Денот на згрижувачките семејства и Меѓународниот ден на детето.

-Денешниот настан, кој се одржува под мотото „Љубовта започнува дома – Биди херој на едно детство – Биди згрижувач!“ има длабока порака која нè потсетува на суштината на човечноста – љубовта, грижата и подадената рака за оние на кои им е најпотребна. Како градоначалник на Општина Кисела Вода, со гордост можам да кажам дека во нашата општина моментално функционираат 15 згрижувачки семејства, во кои се сместени вкупно 19 деца. Тоа се 19 деца кои нашле безбедност, грижа и стабилна средина за растење. Но, мораме реално да кажеме дека тоа не е доволно и дека се потребни  уште повеќе згрижувачки семејства, уште повеќе луѓе подготвени да помогнат и да дадат дом, топлина, поддршка и можност за среќно детство. Ја препознавам хуманоста на нашите сограѓани и им се поклонувам на оние кои ја направиле оваа благородна одлука. Да се биде згрижувач значи да се дарува нова шанса, да се дарува љубов таму каде што најмногу недостасува. Тоа е чин на највисока човечка доблест.

Како локална самоуправа, подготвени сме да продолжиме да даваме поддршка за овие семејства и да работиме на подигнување на свеста, со цел да се зголеми бројот на згрижувачи. Воедно, како Претседател на ЗЕЛС, ќе започнам кампања во сите општини низ Република Македонија, со цел да го зголемиме бројот на згрижувачки семејства.

Секоја приказна што започнува со љубов – има потенцијал да го промени светот. А секој од нас може да биде дел од таа приказна-истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Споделете:

Scroll to Top