Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, заедно со директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), Коце Трајановски, денеска извршија увид во градежните работи кои интензивно се одвиваат на мостот на Маркова Река. Објектот кој е лоциран на регионалниот пат Р1106, на самиот влез во Драчево, се реконструира со цел трајно решавање на прашањето за безбедноста и функционалноста на сообраќајната инфраструктура во овој дел од општината.
Како што беше истакнато при денешниот теренски увид, динамиката на градежните зафати е целосно приспособена на летниот период. Целта е да се искористи намалениот сообраќаен интензитет за побрзо одвивање на активностите и максимално минимизирање на застоите за граѓаните кои секојдневно транзитираат низ оваа делница.
Санацијата го опфаќа комплетниот горен строј на мостот. Во моментов се работи на отстранување на дотраените дилатациски фуги, сливниците, стариот асфалт, како и постоечките огради и тротоари. Веднаш по овие подготвителни активности, предвидена е изведба на нова бетонска плоча, поставување на современа хидроизолација и ново асфалтирање. Проектот вклучува и изградба на потполно нови тротоари за пешаците, како и поставување на нова заштитна ограда.
Инвестицијата за овој инфраструктурен зафат изнесува 4.619.800 денари без ДДВ, а средствата се целосно обезбедени од буџетот на Јавното претпријатие за државни патишта. Градежните работи ги изведува фирмата „Синтек Инженеринг“ ДООЕЛ од село Бразда, додека надзорот над изведбата е доверен на „ЕОС Е.Е.“ ДОО од Скопје.
Согласно договорот со изведувачот и предвидената динамика на терен, се очекува целосната реконструкција на мостот да биде завршена на почетокот на септември.


















