Денес во ООУ „Кузман Шапкарев“ беше спроведена заедничка активност со учениците од партнер – училиштето „Наим Фрашери“ од општината Студеничани, како дел од проектот Меѓуетничка интеграција во образованието.
Се работи за четиригодишен проект, финансиран од Американската агенција за меѓународен развој УСАИД, кој во сите училишта во Република Македонија го спроведува Македонскиот центар за граѓанско образование, под надзор и во соработка со Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието. Активно се спроведува и во училиштата во општина Кисела Вода.
На денешното дружење, момчињата и девојчињата од IV и V одделение, во заедничката воннаставна активност „Сонце за сите“ се претставија со рецитирање песни, игра, цртање, докажувајќи уште еднаш заедно дека јазикот што го зборуваат не е бариера за дружење и дека сите деца имаат исти желби.
Ова е второ дружење на учениците, нивните родители и наставниците од овие две училишта. Учениците од населбата Драчево веќе беа во посета на нивните другарчиња од селото Студеничани.
Гости на овој настан беа претставници од локалната самоуправа од општините, кои се вклучени активно во проектот и секогаш ги помагаат ваквите настани.