Search
Close this search box.

Зголемена безбедноста во сообраќајот кај железничкиот премин кај Усје

Градот Скопје од денеска /14.10.2014 година/ воведува нов сообраќаен режим на булеварот Борис Трајковски, на преминот преку железничката пруга кај  населбата Усје каде што е поставена нова патна и железничка сигнализација. На денешната презентација на новата сигнализација која ќе овозможи безбедно одвивање на сообраќајот преку железничката пруга присуствуваа градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски,градоначалникот на општината Кисела Вода, Билјана Беличанец-Алексиќ и директорот на Македонски железници-Инфраструктура, Ирфан Асани .

 

 

–  Денеска го промовираме новиот систем за регулирање на патниот и железничкиот сообраќај на булеварот Борис Трајковски. Вградувањето на овој систем е резултат на добрата соработка на Градот Скопје со Македонски железници-Инфраструктура, Македонски железници-Транспорт и Цементарницата „Усје“. На терен, во изминатиов период беа поставени светлосни сообраќајни знаци за означување премин на патот преку железничка пруга во ниво и полубраници за затворање на сообраќајот на преминот преку железничката пруга во ниво. Претходно овој премин беше регулиран физички, со знаменца, а сега преминот е обезбеден со рампи и целосна сигнализација со што во голема мера  ќе  се зголеми безбедноста во сообраќајот. За воведување на новиот сообраќаен режим на булеварот Борис Трајковски Градот Скопје изработи сообраќаен проект за којшто има добиено согласност од Министерството за внатрешни работи за утврдување на овој режим на сообраќај. Сакам да нагласам дека ова е еден од најсложените системи за регулирање на сообраќајот во нашава земја, со оглед на тоа што овој премин е единствениот каде што железничка пруга поминува низ крстосница регулирана со семафори. Настојуваме оваа крстосница да стане дел и од Центарот за управување и контрола на сообраќајот за да се овозможи дополнителна контрола и мониторинг – рече денеска градоначалникот Коце Трајановски.

Директорот на МЖ – Инфраструктура, Ирфан Асани истакна дека овој проект е дел од низата успешни проекти за подобрување на железничкиот сообраќај и за зголемување на безбедноста на железничките премини.

 –     Овој нов систем којшто е финансиран главно од Градот Скопје и од Цементарницата „Усје“ треба да биде пример како се решава сообраќајот кога индустриски колосеци се вкрстуваат со сообраќајници, а којшто треба да го следат и другите правни субјекти – рече Асани.

 Градоначалникот на општината Кисела Вода, Билјана Беличанец – Алексиќ се заблагодари на Градот Скопје, Цементарницата „Усје“ и на Македонски железници за успешно реализираниот проект, а упати и благодарност до жителите на село Усје за покажаното трпение додека се работеше на терен.

-Би сакала пред се да се заблагодарам на жителите на село Усје кои имаа трпение во изминатиот период, свесни дека се работи за посложен проект, кој се реализира на фреквентно место, на бул. Борис Трајковски, а со цел поголема безбедност во сообраќајот. Се надевам дека овој систем ќе функционира онака како што е предвиден и ќе биде пример како треба да се реагира и на останатите ризични премини, онаму каде што врви железничкиот сообраќај и на фреквентните позиции каде има засилена потреба од мерки за безбедност во сообраќајот- истакна градоначалникот на општината Кисела Вода, Билјана Беличанец – Алексиќ

 

На терен работеа екипи од ЈП „Улици и патишта“, Цементарница „Усје“ и од Македонски железници. 

Споделете:

Scroll to Top