Со цел да им излезе во пресрет и да обезбеди директна поддршка за лицата кои се соочиле со семејно или родово базирано насилство, Општина Кисела Вода денес објави jавен повик за доделување на еднократна парична помош во висина од 2500 денари. Оваа мерка е дел од Програмата за еднакви можности за 2025 година. Лица кои ќе се опфатат со мерката доделување на еднократна парична помош се лица, жители на општина Кисела Вода кои од Центарот за социјални работи се евидентирани како жртви на семејно/родово базирано насилство во периодот од 2024 и 2025 година, за што ќе треба да се достави потврда. Преостанатата документација потребна за аплицирање и сите други информации, се достапни на веб-страницата на општината https://opstinakiselavoda.gov.mk/wp-content/uploads/2025/04/20250415110423894111.pdf, на огласните табли во сите урбани и месни заедници на територијата на општина Кисела Вода, како и во печатен медиум, конкретно во денешното издание на “Слободен печат”.-Ова е мерка со која Општина Кисела Вода уште еднаш потврдува дека создава конкретни политики за социјална заштита, еднакви можности и достоинствен живот за сите. Покрај финансиската поддршка, испраќаме и јасна порака дека никој не е сам и дека локалната заедница стои зад секој оној што се соочил со насилство. Потребна е општествена мобилизација, но и системска поддршка. Затоа продолжуваме со креирање и спроведување на конкретни мерки кои овозможуваат заштита, помош и рехабилитација на жртвите. Ова е уште еден чекор кон посилна, почувствителна и праведна општина за сите-изјави градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.Аплицирањето е овозможено од денес, 15 април и ќе трае сѐ до исцрпување на финансиските средства, но не подоцна од 30 септември 2025 година.