Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, денес во својот кабинет беше домаќин на учениците од четврто одделение од ООУ „Круме Кепески“. Во рамки на посетата, четири паралелки од ова општинско училиште имаа можност одблиску да се запознаат со начинот на функционирање на локалната самоуправа.
За време на средбата, четвртоодделенците со голем интерес поставуваа прашања и преку директен разговор со градоначалничката научија кои се клучните надлежности на општината, како се носат одлуките значајни за локалната заедница и какви се секојдневните обврски и одговорности на градоначалникот.
Воедно, за оваа посета имаа подготвено и книга “ДЕЦА ГРАДОНАЧАЛНИЦИ” во која напишаа свои предлози за тоа што тие би направиле за својата општина кога би биле градоначалници.
-Денеска во мојот кабинет ги пречекав учениците од ООУ „Круме Кепески“ и дадов одговор на нивните искрени и креативни прашања. Верувам дека градењето на свеста за тоа како функционира општината и како заеднички се грижиме за средината во која живееме, започнува токму од училишните клупи. Општина Кисела Вода останува отворена и посветена на создавање подобри услови за нивната иднина – истакна градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.





















