Општина Кисела Вода се вклучи во проектот за селекција на отпадни батерии ”Гоу Клин”, започнат пред 3 години по иницијатива на шведската амбасада, чија реализација е овозможена со поддршка на Норвешката Амбасада во Белград. Целта на проектот е да се поддржи имплементацијата на Законот за батерии и акумулатори и отпадни батерии и акумулатори односно да се зајакнат капацитетите на општините во поставување на системот за управување со отпадни батерии, да се развие свеста кај граѓаните и да се вклучат младите во промотивна кампања со која ќе се собере 1000 кг на отпадни батерии.
-Во 8те училишта на територија на општина Кисела Вода ќе се постават специјални канти за отпадни батерии и информативни постери, ќе се одржат едукативни предавања, ќе биде организиран натпревар во полнење на садовите со празни батерии, а ќе бидат вклучени и во програма за лидери за реализиција на промотивната кампања во својата општина. За јавната администрација, пак, ќе се издадат брошури и прирачници за успешна имплементација на Законот за отпадни батерии и ќе се реализираат информативно-едукативни состаноци-ги сумираше активностите на проектот Антонио Јовановски од “Гоу Грин” .
-Како лиценциран колективен постапувач, компанијата “Нула Oтпад” има обврска да ги организира собирањето, празнењето и трансферот на батериите до рециклаторот. Што значи дека ќе биде во постојан контакт со училиштата и општина Кисела Вода, со цел успешна имплементација на овој закон-истакна Марјанчо Дамески од “Нула Отпад”.
-Општина Кисела Вода е максимално ангажирана во примена на мерки за заштита на животната средина. Сите активности кои ги преземаме за создавање на подобри и поздрави услови за живеење , не ги правиме само заради исполнување на законските обврски. Напротив, инвестирањето во здравата животна средина е основен императив и главен приоритет во работата на општина Кисела Вода.
Силно веруваме дека преку соработката со здружението Гоу ГРИН и проектот Гоу КЛИН и преку нашиот придонес како локална самоуправа ќе успееме да укажеме на важноста на подигањето на свеста околу штетноста на отпадните батерии и акумулаторите. Се надеваме дека со нашите заложби, како општина, ќе успееме да ги намалиме ефектите од глобалните климатски промени-изјави Елизабета Јаневска, раководител на одделението за образование при општина Кисела Вода.
Во проектот, покрај општина Кисела Вода се вклучени и 6 други општини. Поддржан е од Министерството за животна средина и просторно планирање на РМ и Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград. Носител на проектот е младинската еколошка организација Гоу Грин. Одговорна фирма за собирање и евалуација на количината на батериите е колективниот постапувач “Нула Отпад”.