Со низа настани, општина Кисела Вода годинава ќе го прослави патрониот празник, 6-ти Мај – Ѓурѓовден. Иако состојбата со Корона кризата и годинава го усложни чествувањето на празникот на пролетта, а воедно и патронен празник на општината, сепак општина Кисела Вода ќе одржи неколку традиционални манифестации.
Имено, најпрвин во четврток (06.05) делегација предводена од градоначалникот Темелковски ќе ја посети црквата “Св. Ѓорѓи” на утринската литургија, а во периодот од 10.30 – 11.30 часот во паркот “Шопен”, општината ќе го организира традиционалниот ликовен хепенинг, на кој учество ќе земат ученици од сите општински основни училишта, кои годинава ќе творат на темата: “Ѓурѓовден – патронен празник на мојата општина”.
На настанот по повод патрониот празник на ден (06.05) четврток, со почеток од 12.00 до 13.30 часот во паркот „Шопен“ ќе учествува и Извидничкиот Одред Методи Митевски – Брицо за да го даде својот придонес со своите активности на извидниците.
Во петок пак (07.05.), во соработка со Црвениот крст и со Институтот за трансфузиологија, во големата сала на општината во периодот од 10.00 – 14.30 часот ќе се одржи крводарителска акција под мотото “Дарувај крв – спаси живот”.
Во реализацијата на сите настани, општината ќе се придржува до сите здравствени протоколи за заштита од Ковид – 19.