Пионерките на одбојкарскиот клуб „Јанта Форца Волеј“ од Кисела Вода на финалниот натпревар на пионерската джавна лига на Македонија, во Струмица со 3:0 ја победија екипата на „Пелистер“ од Битола, а во младинската државна лига на Македонија, младинките на финалниот натпревар кој се одигра во населбата Ченто, со 3:0 ги надиграа одбојкарките на „Пелистер“. Пионерките и младинките на „Јанта форца волеј“ станаа државни шампионки.
„Заслужено го освоивме првото место без изгубен натпревар, ниту сет во целата сезона. Во екипата имаме четири натпреварувачки кои се во пионерската репрезентација на Македонија. И јуниорките надмоќно го освоија првенството. Голем дел од нив настапуваат за сениорската екипа, и пет во јуниорска репрезентација на Македонија. После освојувањето на двојната круна во сениорска конкуренција нашите младински екипи успеаа да се изборат за Ф-4 во сите конкуренции. Единствена екипа сме што некогаш успеала во сите конкуренции да биде во финалните натпревари: сениорките беа шампиони и освојувачи на Купот на Македонија, јуниорките (родени 2002 и помлади) се шампиони, кадетките (родени 2004 и помлади) на 6 јуни во Битола ќе играат на финален турнир, и пионерките (родени 2006 и помлади) се државни шамипони. Од пет титули освоивме четири, за петтата ќе играме – изјави Горан Јаневиќ – Јанта, тренер на ЖОК „Јанта Волеј“.
„Многу голема благодарност до Општината Кисела Вода и градоначалникот Филип Темелковски, кои ни се голема поддршка во секојдневната работа со која дојдовме до ваков успех. Нормално со ваков обем на екипи две женски во прва лига, и машка екипа во прва лига, јуниорите го освоија третото место. Оваа сезона во пресрет ни излегоа и други субјекти како Општината Гази Баба и Градот Скопје. Благодариме на сите и се надеваме на продолжување на оваа убава и успешна приказна од спортскиот живот“ – додаде тренерот на ЖОК „Јанта Волеј“.