Во Домот на култура „Билјана Беличанец“ се одржа настанот „Македонска свадба“, во организација на Здружението „Трисомија 21“, а со поддршка на Општина Кисела Вода. Преку игра, песна и автентични македонски обичаи, во соработка со фолклорниот ансамбл,,Седенка”
млади лица со Даунов синдром ја прикажаа убавината на македонската традиција и испратија силна порака за прифаќање, видливост и еднакви можности.Настанот уште еднаш ја нагласи важноста на инклузијата како долгорочна општествена определба, која се реализира преку конкретни политики, институционална поддршка и препознавање на потенцијалот на секој поединец.

-Поддршката на лицата со Даунов синдром и воопшто на лицата со попреченост не смее да биде само декларативна. Како Општина, ние имаме јасна и континуирана заложба да создаваме услови за нивна реална вклученост во заедницата, во културниот, социјалниот, но и во работниот живот.Општина Кисела Вода е првата општина која вработи лице со Даунов синдром. Стефан е дел од нашиот тим, рамноправно учествува во секојдневните обврски и е пример дека кога институциите ќе покажат доверба и ќе дадат можност, резултатите се видливи и позитивни.

Ваквите настани, пак, како проектот „Македонска свадба“, се важни затоа што ја зголемуваат видливоста, ја рушат стигмата и потсетуваат дека овие млади луѓе имаат талент, желба и потенцијал. Општина Кисела Вода ќе продолжи да ги поддржува здруженијата и иницијативите кои придонесуваат кон вистинска инклузија и еднакви можности за сите граѓани- изјави градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска.




