Општина Кисела Вода интензивно продолжува со градежните активности за подобрување на патната инфраструктура. Во моментов се врши целосно асфалтирање на нова улица во населбата Драчево, која за првпат овозможува директно поврзување меѓу две значајни сообраќајни артерии – улиците „Румена Хаџипанзова“ и „Киро Фетак“. Се работи за делница во должина од околу 900 метри, која претставува важно логистичко и сообраќајно олеснување за жителите на Драчево, но и за сите кои секојдневно се движат низ овој дел на општината.
Со ова поврзување се овозможува побрз и побезбеден проток на сообраќајот, подобра комуникација помеѓу урбаните целини, но и значително намалување на сообраќајниот метеж во овој дел на Кисела Вода.

– Со ова ново поврзување меѓу улиците “Румена Хаџипанзова” и “Киро Фетак”, правиме сериозен чекор напред во унапредувањето на сообраќајот во Драчево. Овој зафат е само уште еден доказ за решеноста на локалната самоуправа да ја трансформира Кисела Вода во модерна урбана средина со целосно решена инфраструктура и поквалитетен живот за сите нејзини жители-изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.